1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црн петок“ во Германија со штрајк во Амазон

ЖА / агенции
23 ноември 2018

Американскиот „ден на попусти“ („Black Friday") станува сѐ попопуларен и во Германија, но годинава е во знак на штрајк на вработените во Амазон, на повик на синдикатот Верди.

https://p.dw.com/p/38nHB
Symbolbild Amazon Streik
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Од синоќа до денешните рани утрински часови речиси 2,8 милиони потрошувачи се интересирале за специјалните понуди, како што соопшти порталот за попусти mydealz . Тоа се околу еден милион повеќе отколку лани, а од зголемената побарувачка најмногу профитира интернет-трговијата.

За најголемата светска интернет-трговска компанија Амазон, стартот на најжешката фаза на божиќниот бизнис во Германија започна со штрајк. Синдикатот Верди ги повика вработените во деловницата во Бад Херсфелд на прекин на работата, со почеток од ноќната смена и завршување денеска на полноќ.

„За вработените ден како Црн петок е дополнително стресно време и поради прекувременото работење“,изјави секретарот на Верди Мехтхилд Мидеке, дополнувајќи: „Работата на вработените мора да биде платена според посебна повисока тарифа, вклучувајќи и додаток за Божик.“

Верди со години се бори за тоа вработените на Амазон да добијат можност за колективно договарање и да добиваат плата според тарифата за секторот на малопродажбата и каталошката трговија. Досега Амазон ги отфрла овие барања и ги плаќа вработени според тарифите за логистика индустрија, каде што сатниците се доста пониски. Со цел конечно да ја постигне својата цел, Верди прибегнува кон сѐ поригорозни средства.

Во САД денот по празникот Ден на благодарноста, „Црн петок“, одамна се смета за период во кој се остварува рекорден промет во годината и старт во божиќните засилени продажби. Во меѓувреме и во Германија бројни производители ги привлекуваат муштериите со специјални попусти во цените. Онлајн-трговијата се пролонгира до понеделник, „Cyber Monday".

Во овие денови се очекува остварување промет во висина од 2,4 милијарди евра, 15 проценти повеќе од лани.