1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црн ден за СПД

Нина Веркхојзер19 јануари 2009

Социјалдемократите во германската покраина Хесен ја платија сметката поради тоа што цела година не успеаја да состават влада. На изборите, ЦДУ и ФДП освоија мнозинство што им е доволно за стабилна покраинска влада.

https://p.dw.com/p/GbBS
Роланд Кох ќе биде старо-нов премиер во ХесенФотографија: AP

Стариот покраински премиер ќе биде и нов - христијанските демократи на Роланд Кох, со освоени околу 37 проценти од гласовите, се далеку најсилната партија во Хесен. Заедно со својот посакуван партнер - либералите (ФДП), тие имаат јасно мнозинство и можат да состават стабилна влада. Роланд Кох, кој во Хесен раководи од 1999 година, е радосен: „ЦДУ и ФДП заедно имаат политичко мнозинство во покраината какво што сме немале со децении и тоа е добивка за цел Хесен“.

Но, аплаузот што се слушна по ваквите зборови на Кох не можеше да го одвлече вниманието од податокот дека христијанските демократи одвај го поправија процентот освоени гласови во однос на претходните избори. Од политичкиот хаос, во годината што помина, профитираше пред се‘ ФДП. Либералите, со освоени над 16 проценти, го постигнаа најдобриот резултат во Хесен од 1954 година досега и со тоа на ЦДУ и‘ обезбедија стабилно мнозинство во покраинскиот парламент. За шефот на ФДП, Гидо Вестервеле, ваквиот резултат навестува и крај на големата коалиција на сојузно ниво:

Landtagswahl Hessen 2009 Guido Westerwelle
Првиот човек на ФДП, Гидо Вестервеле, е задоволен од исходот на изборитеФотографија: AP

„Ова е голем ден за Хесен и почеток на серијата избори во Германија годинава, кој ветува многу“.

Голем пораз на социјалдемократите

Ако на изборите пред една година имаа речиси еднаков процент освоени гласови со христијанските демократи, сега забележаа драматичен пад - имаат 13 проценти освоени гласови помалку во однос на претходните збори, односно сега на свое конто имаат малку под 24% од гласовите. Шефицата на СПД во Хесен, Андреа Ипсиланти, во текот на минатата година не успеа да состави влада и за тоа мораше да ја плати сметката:

Landtagswahl Hessen 2009
Членовите на СПД се вознемирени од големиот поразФотографија: AP

„Резултатот е тежок пораз за хесенската СПД. Тоа не треба воопшто да се разјаснува. Дел од избирачите не ни‘ простија што во ноември 2008 година не успеавме да добиеме парламентарно мнозинство за промена на власта, а друг дел беше разочаран што сакавме да тргнеме по патот на малцинска влада“.

Само со зелените, социјалдемократите не можеа да состават влада, а соработката со Партијата на левицата ја отфрлаше дел од членството на СПД, дотолку повеќе што и самата Ипсиланти, пред изборите, отфрли ваква соработка. Ипсиланти презеде одговорност за својот неуспех и се повлече од функциите - шеф на СПД во Хесен и координатор на пратеничката група на партијата во покраинскиот парламент. Овие функции треба да ги преземе Торстен Шефер Гимбел, главен кандидат на СПД во Хесен.

Landtagswahl Hessen 2009 Andrea Ypsilanti
Андреа Ипсиланти се повлечеФотографија: AP

Успех за Зелените

И додека СПД во Хесен забележува пад, Партијата на зелените постигна еден од најдобрите резултати што воопшто како партија го постигнала на покраински избори - на своето конто имаат речиси 14 проценти од гласовите. Партијата на левицата, која е силна пред се‘ во покраините во источна Германија, успеа за малку да го помине цензусот и влезе во покраинскиот парламент.

ЦДУ и ФДП во Хесен имаат намера да постигнат единство за идната влада многу бргу. Сега во петте најголеми германски покраини на власт се коалиции на ЦДУ и ФДП или на ЦСУ и ФДП. Генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала се надева дека и на сојузните избори во септември ќе биде освоени граѓанското мнозинство и тоа на избирачите им го најави веќе сега:

„Ќе биде најавена коалиција на партиите на Унијата со ФДП. Сакаме да победиме на сојузните избори во септември заедно со ФДП“.

За такво нешто Хесен е добра појдовна основа, смета ЦДУ, а социјалдемократите се надеваат дека резултатите во Хесен ќе останат само со значење на регионално ниво.