1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски: Глигоров одигра грандиозна улога

2 јануари 2012

Тој беше глас на разумот во најтешките мигови и немаше дилема каде е иднината на Македонија, во ЕУ и НАТО, подвлекува претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски по смртта на поранешниот претседател Глигоров.

https://p.dw.com/p/13cxJ
Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, во писмената изјава по смртта на првиот претседтел на Македонија Киро Глигоров истакнува дека: „Претседателот Глигоров претставуваше глас на разумот на само во Македонија, туку и во целиот регион и тоа тогаш кога насекаде околу нас владееше националистичко лудило и се водеа крвави етнички војни. Благодарение најмногу на него и на неговата политика Македонија стана независна и меѓународно призната држава по мирен пат, без жртви и крвопролевање“, подвлекува Црвенковски.

Претседателот на СДСМ истакнува дека Глигоров беше првиот што се залагаше за идејата за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.

„Ниту една друга личност во овие 20 години немала во истовреме таква подршка од граѓаните на Македонија и таква меѓународна почит и уважување. Стара изрека е дека историјата ја пишуваат победниците. Но, нема такви победници кои можат да ја избришат грандиозната улога на Киро Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава.“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека по повод смртта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, ќе отвори Книга на жалост, во седиштето на партијата во Скопје и во општински организации во Македонија. Во чест на претседателот Глигоров, СДСМ утре ќе одржи и Комеморативна седница, а знамињата пред сите седишта на партијата се спуштени на пола копје.

Автор: СДСМ/ АТ

Редактор: Борис Георгиевски