ЦДУ ја подготвува изборната платформа
1 декември 2008Во конгресната сала во Штутгарт ќе бидат присутни петнаесетте покраински партиски ограноци на Христијанско демократската унија, ЦДУ како и претставници на сестринската Христијанско социјална унија, ЦСУ од Баварија. Двете партии на сојузно ниво функционираат како „Унија“, но партиските конгреси сепак ги одржуваат одвоено. Често имаат различни мислења околу некои прашања. Меѓу нив, на пример, е и барањето за намалување на данокот на доход во Германија. Затоа германската канцеларка Ангела Меркел е под притисок. Нејзиниот реизбор не се доведува во прашање, но се критикува нејзината одлука да не се намалуваат даноците пред изборите.
Спор околу намалување на даноците
Хорст Зехофер, новоизбраниот шеф на ЦСУ мораше да го откаже присуството на конгресот на сестринската партија, па традиционалниот гостински говор ќе го одржи претседателот на парламентарците на ЦСУ, Петер Рамсауер. Тој уште пред почетокот на конгресот во Штутгарт јасно ги кажа барањата на баварската сестринска партија. „Не смее да се чека на финансиската криза и да се реагира кога проблемите ќе се појават, туку тие мора да се спречат уште пред да започнат,“ рече Рамсауер.
„Ние сме за умерени мерки, а не за акционизам, “возврати генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала, кој е десна рака на канцеларката Ангела Меркел во партијата, и кој исто така е против брзо намалување на даноците. Пофала додаде дека инвестиционата програма на владата нуди доволно стимуланси за економијата и треба прво да се остави тие да го дадат резултатот. Во секој случај, на конресот на ЦДУ, би требало да се поддржи заклучокот во иднина да се намали данокот на приход. ЦДУ сака со вакво барање да настапи на парламентарните избори закажани за 2009 година, за да може да се преориентира и за коалициони партнери да ги избере либералите, а не социјалдемократите.
Тема - дваесетгодишнината од падот на ѕидот
Покрај дебатата околу данокот, на конгресот ќе се појави уште една бризантна тема: ЦДУ во светло на одбележувањето на дваесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид, кое е следната година, побара да се гласа за „перспективите на источна Германија.“ Со тоа треба да му се оддаде и признание на поранешниот канцелар Хелмут Кол за неговите заслуги во обединувањето на земјата. По забелешките на пратеници кои доаѓаат од Источна Германија предлог текстот е променет, за како што рече Пофала, да се избегнат чуствителни дискусии во партијата.