1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватскиот фудбал во сенка на наци-скандалот

Среќко Матиќ/бг18 јуни 2015

Хрватскиот фудбал е повторно во центарот на вниманието на светската јавност по скандалот со кукестиот крст на мечот против Италија. Има ли Хрватска проблем со расизмот? Анализа на Среќко Матиќ

https://p.dw.com/p/1FiZH
Фотографија: imago/Pixsell

#BeProud. Биди горд. Под популарниот хаштаг на Хрватската фудбалска федерација (ХНС) се слават спортските успеси на „Огнените“, како што се нарекува националната селекција. Но, деновиве нема многу причини да се биде горд. По скандалот со нацртаниот кукест крст на квалификацискиот меч против Италија во Сплит, УЕФА отвори дисциплинска постапка против Хрватска за „расистичко однесување“. Со оглед дека делото се повторува, можно е Хрватска да биде и исклучена од Европското првенство во Франција 2016 година.
„Оваа истрага е врв на повеќегодишните случувања. Но во случајов не се работи само за повторување на една провокација со симболика која е отфрлена во цивилизираниот свет“, вели хрватскиот социолог Мирко Петриќ, од Универзитетот во Задар. „Свастиката од Сплит е врв. Тоа е преседан кој не може да се оправда со ништо“.

Kroatien Mirko Petric
Мирко ПетриќФотографија: DW/R. Drazic

Мафијашки структури во хрватскиот клупски фудбал
Петриќ е притоа убеден дека инцидентот не треба исклучиво да се доведува во врска со фашистичката идеологија. Со години, навивачите на Хајдук од Сплит се во „војна“ со раководството на ХНС. Навивачите на Хајдук се чувствуваат загрозени и обесправени од, наводно, неправедната доминација на Динамо Загреб. И додека националната репрезентација предизвикува меѓународни скандали, клупскиот фудбал во Хрватска е обременет со дубиозни трансфери, мафијашки структури и лажирање натпревари, вели колумнистот Дарио Дунатов.
„Кукестиот крст, еден од најрадикалните симболи воопшто, според мене е целно поставен за да се апострофираат проблемите во фудбалската федерација. Кој и да стои зад тоа, точно знаел, колку остро реагира УЕФА против расизмот и фашизмот“, вели Дунатов.
„Тоа беше пресметана провокација, поврзана со надежта дека некој од надвор малку подетално ќе се занимава со состојбата“.
Многумина си го поставуваат прашање дали на овој начин некој сака да го урне претседателот на ХНС, Давор Шукер. Доколку е тоа случај, тоа значи дека целата нација е заложник на мала група екстремисти, вели познатиот спортски новинар Едо Пеци.

Italien vs Kroatien Länderspiel in Livorno
Во 2006 година, хрватските навивачи со своите тела „формираа“ кукест крст во ЛиворноФотографија: picture-alliance/dpa/A. Silvi

Одговорност од федерацијата
„Тоа е срам за Сплит и за Хрватска. Но срамно е и однесувањето на националната федерација. Тука мора да се преземе одговорност. Тие веќе не смеат да се кријат“, вели Пеци. Според него, раководството на федерацијата не сторило доволно за да ги спречи ваквите инциденти. Националистичките и расистички испади во хрватскиот фудбал се повторуваат постојано уште од 2006 година, кога околу 200 навивачи на пријателски дуел против Италија со своите тела го поставија нацистичкиот симбол. Сето ескалираше и со извикот „За дом спремни“ на капитенот Јосип Шимуниќ по победата над Исланд во квалификациите за Светското првенство во 2014 година.

Претседателот на ХНС, Давор Шукер изјави дека е огорчен поради скандалот со кукестиот крст. Федерацијата го осуди инцидентот и најави дека ќе стори сѐ за решавање на проблемот. Но може ли да му се верува на славниот голгетер? Самиот Шукер во 1996 година го посети гробот на усташкиот лидер Анте Павелиќ во Мадрид и се сликаше на него.
„Со години се толерираат и игнорираат вакви инциденти. Одговорните досега јасно не се дистанцираа и не го осудија ваквото однесување“, критикува Дунатов. „Пораката до светот е дека такво нешто во Хрватска е дозволено- како да е Хрватска фашистичка земја. Но Хрватска не е тоа“.