Хрватска ја насети својата шанса на Косово
25 август 2011„Ситуацијата на Косово е таква што се рефлектира врз европската перспектива на целиот регион, па е нормално што Хрватска е заинтересирана за стабилноста на земјите од Западен Балкан. Во тој контекст мора да се гледа и посетата на премиерката Јадранка Косор на Косово“, вели за Дојче веле косовскиот професор Авни Мазреку, експерт за европски интеграции.
„Хрватска, како прва земја која доби одреден датум за пристап кон ЕУ и која ќе се граничи со државите кои не се членки на Унијата, е заинтересирана за политичка и институционална стабилност на Западен Балкан. Затоа посетата на хрватската премиерка ја гледам низ призмата на притисокот на Хрватска врз владите на Косово и на Србија да пронајдат долгорочни решенија за нерешените проблеми“, вели Мазреку.
Тој истакнува дека во регионот е актуелна климата на добрососедски односи во согласност со европските стандарди и дека Хрватска има важна улога во подобрувањето на тие односи.
„Посетата на госпоѓа Косор доаѓа во многу интересен момент, а се врзува и за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на земјите од регионот, Хрватска и Србија. Само ден по доаѓањето на Меркел во Србија, Косор допатува во Приштина, затоа мислам дека сето тоа е агенда на ЕУ за Западен Балкан“, додава Мазреку.
Нормално е што Хрватска е заинтересирана за косовскиот пазар
На Косово, заедно со хрватската премиерка Јадранка Косор, вчера (24.08.20110 допатуваа група хрватски стопанственици кои со косовските колеги одржаа економски форум на кој ги разгледуваа можностите за соработка, особено откако косовската влада воведе забрана на увозот на стоки од Србија. Професорот Мазреку додава дека разговорите за проширување на соработката на Хрватска и Косово се логични ако се има во вид дека двете земји беа дел од бившиот југословенски пазар.
И економскиот аналитичар Ибрахим Реџепи оценува дека е нормално што Хрватска сака да ја прошири економската соработка со Косово.
„Веќе подолго време постојат политички и односи на економско ниво меѓу Хрватска и Косово, обемот на размената е голем, иако не е на ниво на кое беше со Србија. Сосем е нормално што Хрватска сега ја насетува својата шанса на Косово, зашто се работи за големи бројки, околу 450 милиони долари, колкав што беше увозот од Србија. Таа стока недостига на Косово, па е логично да бидат заинтересирани и Хрватска, Бугарија, Македонија и Албанија, како и сите земји кои имаат што да му понудат на косовскиот пазар“.
Моментно, трговската размена меѓу Хрватска и Косово изнесува 57 милиони евра, а Реџепи истакнува дека Хрватска на Косово може да пласира пред се‘ производи од прехранбената, хемиската и машинската индустрија.
Автор: Зулфија Јакупи / Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска