1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: со влегувањето во ЕУ се посегна по паричниците

Синиша Богданиќ / Александар Методијев29 јануари 2014

Со влезот на Хрватска во ЕУ се укинати царините за увоз од земјите на Унијата. Хрватските граѓани тоа олеснување не го гледаат во продавниците, кои во јуни минатата година им ветуваа „европски избор по пониски цени“.

https://p.dw.com/p/1AyIb
Фотографија: DW/S.Bogdanić

Големите странски трговски ланци со задоволство ги триеја рацете, додека во средината на минатата година хрватските производители очајуваа поради укинувањето на царините, кои го штитеа домашното производство. Трговските ланци им порачуваа на граѓаните дека тоа ќе биде причина за подобра конкурентност, поголема понуда и за намалување на цените на увезените производи. Медиумите нагаѓаа дека со укинувањето на царините, кои се движеа и до 40 проценти, ќе се случи драстичен пад на цените, како во Унгарија, каде цените на храната речиси да се преполовија. Но, половина година подоцна е јасно дека ветувањата не се исполнети.

„Или ние – граѓаните, очекувавме премногу, врз основа на тие најави, или тоа воопшто и не се случило. Иако трговските ланци најавуваа дури и кои производи колку ќе поевтинат, се чини дека се’ остана на тоа. Некои производи поевтинија, но во целина не се случи значаен пад на цените на храната“, вели во разговорот за Дојче веле претседателот на Независните хрватски синдикати, Крешимир Север. Тој наведува дека непознати трговски марки за хрватските потрошувачи, кои и онака имале ниски цени, сега имаат малку спуштени цени. Тука не станува збор за широк избор на прехранбени артикли по поволни цени.

„Поотпорни сме и од лебарките“

Пензионерката Марина, излегувајќи од продавница, ги потврдува зборовите на Север. Таа не забележала поевтинување на храната. За да преживее, оваа 68-годишна жена добива пари и од братот од странство. Откако ќе плати сметки, таа купува храна и хигиенски производи. Облека и обувки таа купува ретко, а зеленчук сади во својата бавча. Марина е свесна дека луѓето кои немаат ваква можност преживуваат многу тешко. Она што ќе и‘ преостане од градината таа го дели со пријателите и роднините. Прашана што ќе се случи доколку владата почне да ги крати и онака малите пензии, таа вели: „Ништо. Работевме и без пари. Ќе го преживееме и тоа“. Нејзината пријателка додава дека хрватските граѓани се „поотпорни и од лебарки“.

Kresimir Sever, Präsident der Unabhängingen kroatischen Gewerkschaften
Крешимир Север вели дека претходно очекувањата биле големи, а сега големи се сметкитеФотографија: DW

На истото место го сретнуваме и 40-годишниот Марко. И тој и неговата сопруга се вработени и имаат две деца. Марко вели дека им е тешко.

„Јас и жена ми веќе не одиме никаде. Во кино последен пат бевме пред четири години. Сето ова треба да се издржи, за децата да застанат на свои нозе, па ако треба да одат и во Америка“, вели тој, додавајќи дека откако ќе го платат кредитот, се’ што ќе им остане го трошат на храна и основните потреби за децата.

Платата вреди се’ помалку

Синдикалецот Север предупредува дека за жал по влезот на Хрватска во ЕУ храната станала уште понедостапна, иако според статистиката би можело да се заклучи нешто поинаку.

„Земјата е посиромашна со порастот на уделот на трошоците за храна во целокупниот месечен трошок на семејството“, вели Север. Според него, во тој поглед Хрватите се посиромашни отколку во моментот на влез во ЕУ. За просечниот жител на ЕУ трошокот за храна изнесува од 11 до 13 проценти од вкупниот месечен трошок, додека во развиените земји тој трошок е и под 10 проценти. Тој удел во Хрватска долго време беше 32 проценти, а минатата година се спушти на 29,4 проценти – податок за кој познавачите велат дека залажува.

Einkaufen Supermarkt Kroatien
Хрватите се’ повеќе купуваат на попуст, при што квалитетот на производот веќе не им игра улогаФотографија: DW/S.Bogdanić

„Сите други показатели покажуваат дека приходите стагнираат или паѓаат, а во исто време дојде до благ пораст на цените на храната и до раст на трошоците за домување и енергија, преку поскапувања и пораст на ДДВ“, објаснува Север. Тој објаснува дека хрватските семејства се принудени да штедат на обувки, хигиена, нови апарати за домаќинство и на храна.

Сиромашните бараат помош во храна

За недостапноста на храната сведочи и податокот за потребите на корисниците на хуманитарното здружение „Ципеле 46“. Таа на барателите на помош им донира производи, а не пари.

„Во последно време секојдневно ни се јавува некој кому му треба храна. Секое второ јавување се однесува на помош во храна“, вели новинарката и претседателка на оваа организација, Силвија Новак. Таа додава дека станува збор за луѓе кои остануваат без работа или долго време се невработени, а притоа имаат повеќе деца и живеат во помали места.