Хрватска - најмладата членка на ЕУ
Хрватска е мала земја, впечатлива по своите контрасти. Од 1. јули таа стана 28. членка на Европската унија.
Европска земја
Хрватите отсекогаш се чувствувале како Европејци. Многумина сметаат дека со влезот во ЕУ, земјата конечно стигна таму каде што и‘ е местото. Пречките за влез се отстранети, но остануваат проблеми на кои уште треба да се работи: корупција, висока невработеност и економска криза.
Загреб - светски град во Средна Европа
Со околу 800 илјади жители, што е околу една петтина од вкупното население, Загреб е и најголем град во Хрватска. До Првата светска војна Хрватска беше дел од Австро-Унгарската империја Архитектонски Загреб е граден според империјална Виена. И старите загрепчани, познати како „пургери“ го моделирале својот животен стил според Виена.
Дубровник - бисер на Јадранот
Далматинскиот приморски град Дубровник е олицетворение на медитеранската култура. Со векови, Дубровник бил независна град-држава и главен ривал на Венеција. Стариот дел на Дубровник е прогласен за Светско културно наследство од УНЕСКО во 1979 година.
Сонот за независнот
Во период од 70 години, од 1918. до 1991. Хрватска беше дел од Југославија. Но сонот за независна држава опстана. На 25 јуни 1991. тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман ја прогласи сецесијата и независноста на Хрватска од Југославија.
Војна, уништување и раселување
Откако ја прогласи независноста, Хрватска се соочи со востание на локалното српско малцинство поддржано од југословенската армија. Војната траеше 4 години. Околу 22 илјади луѓе загинаа, стотици илјади беа раселени, и беше предизвикана огромна материјална штета. Мировен договор конечно беше потпишан во декември 1995. година.
Бегалци од Хрватска
За време на војната околу 700 илјади Хрвати беа принудени да ги напуштат своите домови. Многумина избегаа во Германија. Во последната фаза од војната, земјата ја напуштија околу 250 илјади Срби. За разлика од Хрватите кои се вратија во своите домови, Србите се‘ уште не можат да го сторат тоа. Тие се надеваат дека влезот на Хрватска во ЕУ ќе им го овозможи тоа.
Мински полиња
Пешадиските мини се остатоци од последната војна. Околу 680 квадратни километри во Хрватска се‘ уште се покриени со мини. Околу 90 илјади мини беа поставени за време на војната, најголемиот дел неодбележано. По завршувањето на војната повеќе од 500 луѓе ги загубија животите од мини. Нивното целосно отстранување е планирано до 2019. година.
Воени криминалци или херои?
Недоволната соработка со Хашкиот трибунал го забави хрватскиот напредок кон ЕУ. Многу Хрвати се убедени дека нивните генерали се воени херои, а не криминалци. На државата и‘ беа потребни повеќе години да го уапси обвинетиот генерал Анте Готовина. На крајот тој беше ослободен во Хаг, а дома му беше приреден ентузијастички дочек.
Успешна туристичка индустрија
Главната економска гранка на Хрватска е туризмот. Најпопуларно секако е јадранското крајбрежје со своите „илјада острови“. Хрватите се убедени дека го имаат „најубавото море на светот“. Тие се надеваат дека влезот во ЕУ ќе им донесе уште повеќе туристи.
Фудбалот- национален спорт
И другите спортови, како ракометот, кошарката и ватерполото се популарни во Хрватска, но фудбалот е број 1. Хрватската национална репрезентација е гордост на нацијата и се наоѓа меѓу десетте најдобри во светот. Најголемиот подвиг беше освојувањето на третото место на Светското првенство во 1998. во Франција.
На состанок во кафуле
Доколку сакате да се сретнете со некого во Хрватска, тоа го правите во некое од безбројните кафулиња низ земјата. Кога времето ќе затопли, терасите на кафулињата се преполни. Најпопуларен пијалок е капучино и еспресо. Секој сака да види и да биде виден. Удобноста и софистицираноста се критериумите по кои се бираат местата за седење.