1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Словенија во „војна“ за српски туристи

16 јули 2009

Српскиот турист ова лето се најде во незавидна ситуација. Сите ја сакаат неговата наклонетост. Особено забележливи се маркетиншките кампањи на Словенија и на Хрватска, со кои српските туристи се канат на летување.

https://p.dw.com/p/IqAT
Дубровник е адутот на Хрватска во привлекувањето на туристите од СрбијаФотографија: dpa

По години изминати во барање нови дестинации во Турција, Бугарија, Египет или Тунис, српските туристи сега се сетија и на регионот. Словенија ги потсетува дека и таа има море, Хрватите ги канат на гости, а и Црногоците сега мораат малку повеќе да се потрудат.

Војна не е најомилен збор на овие простори, но токму така некако изгледа она што се случува во освојувањето на симпатиите на туристите од Србија: билборди, плакати, маркетинг-кампањи, пред се`, од Хрватска и Словенија, му даваат белег на ова лето.

Во Хрватска може, но најважна е безбедноста

Еве како, пак, на улиците во Белград, одговараат на прашањето: Дали би летувале во Хрватска?

„ Па, можеби сега и не би летувал. Во претходните години - да, но тоа не значи дека не одат други членови на моето семејство. Еве, на пример, ќерка ми во моментов е на хрватското приморје и оди таму наназад веќе три-четири години, и тоа просто од економски причини. Тоа е единствената и најголема причина.“

Obst und Gemüsemarkt in Belgrad
Граѓаните на Белград воздржани кон засилената туристичка понуда од соседствотоФотографија: DW

„Би одел со задоволство. Работев таму порано. Нормално, со задоволство би одел кога би бил во можност да се организирам.“

„Да, затоа што со години сме летувале таму и сега би летувале. Ние дури сме и роднински поврзани за Хрватска. Долго имавме куќа таму и се разбира дека би летувале повторно.“

Прескапа дестинација

Несигурност, омраза, ќотек, високи цени, дупнати гуми, автомобили во море - ова е дел од летниот багаж на српските туристи од летувањата во Хрватска. Безбедноста на туристите е, секако, на првото место на оправданија за избегнување на Хрватска. За тоа говорат и врвните српски политичари, но од разговорите со граѓаните тешко е да се стекне таков впечаток:

„Патував често, патувам поради природата на работата многу често, никогаш не сум имал проблеми од тој вид, ни порано ниту сега“.

„Добро, тоа е реален страв, тоа не е ништо невообичаено, тоа можеби ќе трае уште некое време, и тоа е природно. Но, личните искуства, што се однесува до сигурноста, тука нема никакви проблеми.“

Kroatien - Istrien - Rovinj Tourismus
Дали хрватското приморје е доволно безбедно за српските туристиФотографија: dpa

Потенцијалните српски туристи, кои веќе пронајдоа ефтини дестинации, не се воодушевени од цените на хрватското приморје. Сметаат дека Хрватска е премногу скапа, во однос на некоја слична туристичка понуда.

„Превисоки се цените во однос на други понуди и на некои други дестинации.“

Интересот за Хрватска сепак е слаб

Во белградските туристички агенции немаат конкретни податоци, но се тврди дека интересот за Хрватска е слаб. Поточно, луѓето се распрашуваат, но не вадат пари.

Заедничка тема на оние кои летуваа во Хрватска, како и на оние кои имаат таква намера е, сепак, безбедноста. Сите тие прават свои интерни мапи на безбедни дестинации, разменуваат информации за тоа каде е најсигурно, каде можат да се очекуваат непријатности и слично. Она што секако може да биде интересно за маркетинг-експертите е фактот дека жените далеку полесно се одлучуваат за престој во Хрватска, тврдат туристичките работници, додека машките членови на семејствата во таа смисла се многу попретпазливи.

Автор: Ивица Петровиќ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска