1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватската влада бара лек за „швајцарската треска“

Игор Ласиќ / Александар Методијев25 април 2013

По повеќегодишна политичка и правна борба, хрватските корисници на банкарските кредити кои се врзани за швајцарскиот франк, конечно имаат причина да се надеваат на спас и промена на законот за кредитите.

https://p.dw.com/p/18N4W
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хрватските граѓани кои често земале кредити врзани за швајцарскиот франк веќе неколку години макотрпно ги поднесуваат негативните ефекти од растот на вредноста на швајцарската валута во однос на еврото и секако куната. Неретко станува збор за станбени кредити, па ратите на многумина уште од глобалната рецесија наваму пораснаа за повеќе од половина износ. Но, се чини дека во последно време организираноста на таквите загрозени луѓе почна да резултира со први успеси. Се очекува хрватските државни власти во најскоро време да му застанат на крај на ова вистинско финансиско зло.

Минатиот петок е отфрлен амандманот на законот за кредитните институции, кој во хрватскиот Сабор го предложи здружението „Франк“, а со кој требаше да им се помогне на најзагрозените корисници на кредити. Сепак, министерот за финансии Славко Линиќ ја поздрави целта на предлогот со кој би се запрел неконтролираниот раст на каматите со оглед на девизната клаузула, која лесно може да се претвори во лихбварска каматна стапка. Така е најавено дека неговото вградување ќе биде во Законот за потрошувачките кредитирања, кој ќе дојде на ред во следните недели.

Банките не смеат да бидат над законот

Во минатите десетина години во Хрватска се склучени неколку илјади договори со променлива каматна стапка, која се’ уште се менува според едностраните одлуки на банките и по правило не ни можеше да се подигнува кредит без таквата „девизна клаузула“. Правниот експерт Горан Алексиќ од здружението „Франк“ потсетува дека речиси сите банки со своите клиенти договарале зголемување на каматите во склад со проценките на самата банка. Но, таквиот начин на менување на каматните стапки не е во склад со хрватскиот Закона за задолжителни односи.

Roma Familie zieht in Wohnung Berlin
Сонот за сопствени четири ѕида за многумна се претвори во кошмарФотографија: picture-alliance/dpa

Затоа здружението „Франк“ достави до хрватскиот Сабор амандман со предлог за менување на Законот за кредитните институции.

„Со тоа на банките би им се одредило во своите договори, во кои немаат договорени формули врз основа на кои ќе се менуваат каматните стапки мораат да договорат транспарентни формули“, објаснува Алексиќ. Истите би се состоеле од променлив параметар кој би бил јасен и познат на клиентите на банките и од фиксна маржа, која нема да се менува во периодот на отплата на кредитот. Така мора да се добие вредност која не поголема од почетната договорена каматна стапка. Таа мерка би била признавање на владеењето на правото во рамки на склучените кредитни договори, наместо признавање на досегашното самоволие на банките.

Кредитот е како болест во куќа

Една соговорничка од Славонски брод, која замоли да биде претставена само како Романа, нагласува дека веќе не може да ги дочека првите знаци на олеснување, како и дека не верува во најавите додека новите мерки не бидат официјално воведени, бидејќи таа повеќе години се измачила со отплатата на ратата која со осцилации од приближно две и пол илјади куни се искачила на речиси четири.

„Мажот ми освен тоа лани остана без работа, се снаоѓа на црно, а имаме ќерка која тргна во основно училиште. Плаќаме се’ повеќе, а нашиот кредит во Хипо банката само расте. Како да имаме болест во куќата. Невозможно е да се тврди дека тоа е праведно и непроменливо“, заклучува Романа, додавајќи дека до сега безброј пати зажалиле што не останале кираџии.

Kroatien Land und Leute Nationalbank in Zagreb
Менувањето на каматната стапка е сигурна заработувачка за комерцијалните банки, кои во Хрватска често се и странскиФотографија: Ognjen Alujevic

Ропство или исфрлање на улица

Исто размислува и Златко Керцел од Загреб, кој вели дека се чувствува како роб на Загребската банка.

„Ни се закануваат со исфрлање и одземање на станот, а тие на почетокот ме уверија дека е најсигурно да се земе кредит во швајцарски франци. Денеска воопшто не сакаат да разговараат за какво било олеснување на условите за отплата“, изјави Керцел за Дојче веле. И тој смета дека е крајно време државата да интервенира во однос на банките.

Неговото семејство пред нешто повеќе од седум години се вселило во стан од 66 квадратни метри и на почетокот плаќало месечна рата од 3.200 куни. И тоа тешко го поднесувале, за во меѓувреме таа да порасне на 5.600 куни. Златко Керцел вели дека никој жив не може ова да го издржи, а посебно не младо семејство кое чека уште 22 години отплата. За нив и останатите жртви на меѓународната банкарска олигархија останува да се надеваат дека владините најави навистина ќе вродат со плод.