Хрватите пред судбоносна одлука
20 јануари 2012И покрај намалената поддршка, на референдумот за членство на Хрватска во ЕУ в недела се очекува тесно мнозинство за пристап на земјата во Унијата. Набљудувачите, потпирајќи се на последните анкети на јавнотото мислење, оценуваат дека околу 50 до 60 проценти од избирачите ќе се изјаснат за членство на Хрватска во Европската унија. Референдумот ќе биде важечки независно од учеството на граѓаните, за резултатот е доволно и просто мнозинство.
Кризата го прави своето
Политичарите од сите партии го делат ставот дека со припадноста на Хрватска во Европската унија, земјата конечно ќе го остави балканското минато зад себе и повторно ќе ги пронајде своите историски и културни корени во Европа. Претседателот Иво Јосиповиќ смета дека е „неодговорно“ да се каже „не“ на Брисел, додека министерката за надворешни работи порача дека позитивен исхот од референдумот е неопходен за Хрватска „економски да преживее“.
Имено, кризата во еврозоната влијае врз однесувањето на избирачите во Хрватска. „Актуелните потешкотии придонесуваат очекувањата од ЕУ да бидат пониски“, оценува Радован Вукадиновиќ, експерт за меѓународни односи. Хрватска веќе три години е во рецесија. Централната банка објави дека во 2011-та економскиот пораст изнесувал 0,4 проценти додека за 2012-та година очекува намалување на брутодомашноот производ за 0,2 проценти. Невработеноста според официјалните податоци изнесува 18 проценти.
Агитација за референдумот
Изминатите две недели граѓаните на Хрватска беа вистински бомбардирани со реклами во корист на ЕУ. Дури и моќната католичка црква во земјата прерасна во поддржувач на ЕУ, уверувајќи дека Хрватите не треба да стравуваат од губење на националниот идентитет поради влезот во ЕУ.
Малкуте, претежно ултранационалистички партии, кои повикаа граѓаните да гласаат против влезот во ЕУ, ја предупредуваат Хрватска од „загуба на суверенитетот“. Дубравко Крчмарек, еден од коорганизаторите на еден протест против ЕУ минатиот викенд со неколку стотици учесници, е уверен дека „се загрозени јазикот, културниот и националниот идентитет на Хрватска“.
Планирано е Хрватска да стане членка на Европската унија на 1-ви јули 2013-та година. Преговорите за членство меѓу Загреб и Брисел почнаа во 2005-та година. Минатиот декември Хрватска го потпиша договорот за пристап. Откакао граѓаните на Хрватска в недела на рефереднум ќе гласаат за пристапот на земјата во Унијата, пред Хрватска да стане членка треба поединечно да се изјаснат сите 27 земји членки на ЕУ.
Автор: АТ/ ЖА/ афп
Редактор: Жана Ацеска