1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Friedensnobelpreis 2010

8 октомври 2010

Доделувањето на Нобеловата награда за мир на кинескиот дисидент Лиу Шијаобо е сигнал на храброст и непопустливост на Нобеловиот комитет во однос на големиот политички притисок што стигна од Пекинг.

https://p.dw.com/p/PZRr
Фотографија: DW

Лиу Шијаобо нема да ја има честа по телефон да му се јави претседателот на Нобеловиот комитет и да му ја соопшти радосната вест. Дека е носител на Нобеловата награда за мир за 2010 тој можеби ќе дознае дури за неколку дена или недели, бидејќи во кинескиот затвор нема пристап до интернет и телефон. Тој веќе две години се наоѓа зад ѕидините на затворот што се наоѓа 450 километри одалечен од Пекинг, а според волјата на кинескиот суд, таму треба да остане уште девет. „Злосторот“ за кој е осуден се состои од учеството во иницирањето на „Повелбата 08“, манифест на група кинески интелектуалци, кои бараат сеопфатни политички реформи како поделба на власта, слобода на мислење и политички плурализам. Ова, впрочем, не е првпат Лиу да престојува во некој од кинеските затвори, но тоа очигледно не го исплаши. Поради храбрите заложби за човековите права, тој стана „државен непријател број 1“ за технократите во Пекинг.

Храбра одлука

Тоа што токму тој ја доби годинешната Нобелова награда за мир е тежок удар за комунистичкиот режим. Дотолку повеќе што истиот режим си дозволи да изврши огромен притисок врз Нобеловиот комитет во Осло да не му ја додели наградата на Лиу Шијаобо. Меѓу заканите имаше и такви, како што е влошување на односите со Норвешка. Нобеловиот комитет, во секој случај, со оваа храбра одлука ја докажа својата независност.

Deutsche Welle Zentrale Programmredaktion Matthias von Hein
Матијас фон Хајн, автор на коментаротФотографија: DW

Комитетот од Осло веќе еднаш го предизвика гневот на кинеската власт, кога во 1989 година му ја додели Нобеловата награда за мир на тибетанскиот лидер Далај Лама. Притоа, мора да се каже дека денешна Кина има значително поголемо влијание во светот, отколку пред 20 години. Таа штотуку се покажа како важен фактор за финансиската стабилност во светот во екот на меѓународната финансиска и економска криза. Економскиот успех на земјата го прави привлечен за некои „кинескиот модел“, кој претставува комбинација од авторитарна власт и турбокапитализам - дури и како алтернатива за западниот систем на демократија. Но, затворањето на Лиу Шијаобо токму ги осветлува темните страни на овој систем, ги вади на дневна светлина „колатералните штети“ на кои е подготвена кинеската власт за да ја задржи политичката стабилност на земјата.

Секако дека по одлуката на Нобеловиот комитет власта во Пекинг ќе се запени од гнев. Но, таа наскоро ќе мора, по кој знае кој пат, да сфати дека не е само Западот зависен од Кина, туку и обратно.

Штета за целиот свет

Доделувањето на Нобеловата награда веројатно нема да му ги олесните затворските услови на Лиу Шијаобо. Властите во Пекинг сигурно нема ни да признаат дека пресудата за дисидентот Лиу била неправедна одлука. Со тоа само се потврдува она што стои на крајот на веќе спомнатата „Повелба 08“ на кинеските интелектуалци: „за жалење е фактот што меѓу големите сили на денешнината само Кина се наоѓа уште во состојба на авторитарен политички систем и поради тоа постојано создава катастрофи на полето на човековите права, како и социјални кризи.“ Може само да додадеме дека таквата состојба не е за жалење само заради луѓето кои живеат во Кина, туку и за целиот свет - а секако и за затворениот нобеловец Лиу Шијаобо!

Автор на коментарот: Матијас фон Хајн

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска