Хонг и Конг - предлог имиња за малите панди во Берлин
6 септември 2019Панда-мечињата, „ѕвезди“ на Зоолошката градина во Берлин, се стари само неколку дена, но во Германија во последниве денови се во фокусот на вниманието - сѐ почести се барањата да им се дадат имиња кои ќе претставуваат сигнал кон Кина во однос на почитувањето на човековите права.
Резултат на барањето на берлинскиот весник „Тагесшпигел“ од своите читатели да дадат предлог-имиња е следниот: најголем број предложиле тие да се викаат Хонг и Конг.
Панда близначињата се подмладок на двојката големи панди кои Зоолошката градина во Берлин ги доби во 2017 година од Кина. Кинескиот претседател Ши Џингпинг ѝ ги предаде на канцеларката Ангела Меркел при посетата на Германија по повод самитот Г20 во Хамбург, како гест на кинеско-германското пријателство. Пандите се всушност позајмени на Зоолошката градина Берлин на период од 15 години. Ова е инаку првпат да се родат панди во Германија. Во светот на слобода живеат само околу 2.000 примероци на големите панди.