ХДЗ во опозиција, „Кукурику“ на власт
5 декември 2011Според истите податоци, Хрватската демократска заедница на премиерката Јадранка Косор освои 47 пратенички места. До објавувањето на конечните резултати може да се промени бројот на пратеничките места, но извесно е дека партијата на Косор е поразена и коалицијата „Кукурику“ ќе ја формира новата влада. За формирање нова влада се потребни 76 пратеници.
Лидерот на коалицијата „Кукурику“, Зоран Милановиќ, при објавувањето на победата вети дека нема да ги разочара хрватските граѓани и нагласи дека довербата доделена од хрватските граѓани претставува огромна одговорност.
„Работата треба да почне. Кога ќе влеземе во ЕУ ќе се соочиме со голем предизвик, предизвик да се докажеме како мала, но отворена земја, шанса да бидеме успешни и да развиеме самопочит“, рече Милановиќ.
Лабуристи и свештеници во новиот парламент
Како најголемо изненадување на вчерашните избори во Хрватска е појавувањето во хрватскиот парламент на седуммина пратеници од партијата на Хрватските лабуристи, како и двајцата пратеници од листата на пензионираниот свештеник, дон Иван Грубишиќ.
Резултатите го покажуваат гневот на хрватските граѓани кон корупцијата и високата невработеност во земјата, која е следна за прием во ЕУ.
„Дури и во опозиција, ќе продолжиме да и‘ служиме на Хрватска. Тие не не’ ставија на колена“, рече лидерката на конзервативната ХДЗ и актуелна премиерка, Јадранка Косор.
Земјата е само една од долгиот список на земји во кои годинава имаше губење на поддршката за оние на власт, поради должничката криза и невработеноста.
„Тренд во Европа е гласачите да гласаат против оние кои се на власт. Истото се случи и во Хрватска“, забележува политичкиот аналитичар Славен Летица.
Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ им честиташе на победниците велејќи дека „е очигледно дека Хрватска се врти на лево“.
Право на глас на вчерашните избори имаа 4,1 милион жители на Хрватска, како и уште околу 400 000 хрватски државјани во странство, од кои најголем дел во Босна и Херцеговина. Тие гласаа за 151 член во Саборот.
Автор: Александар Методијев / бета/ афп / ап
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска