1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајнц Фишер - победник на претседателските избори во Австрија

26 април 2004

Хајнц Фишер е прв претставник на социјалдемократите на највисоката државна функција по цели 18 години

https://p.dw.com/p/AdEc
Победникот Хајнц Фишер
Победникот Хајнц ФишерФотографија: AP

Неговата јасна победа на вчерашните претседателски избори експертите ја толкуваат како уште една потврда за промената во расположението на бирачкото тело на Австрија, бидејќи Народната партија на канцеларот Волфганг Шисел годинава веќе загуби и на два покраински избори.

На крајот изборната победа на Хајнц Фишер излезе дури поуверлива од очекувањата: тој освои 52,4% од гласовите, додека против-кандидатот, актуелната министерка за надворешни работи Бенита Фереро Валднер мораше да се задоволи со само 47,6. Во склад со резултатот беа и нивните први реакции:

“Вистински сум му благодарен на австриското население. Тоа беше цел што не беше лесно да се оствари, но сепак беше и остварлива“ - нагласи победникот Хајнц Фишер.

“Секако дека сум разочарана. Бев апсолутно уверена дека ќе победам. Но, истовремено морам да кажам дека сум фер борец и му честитам најофицијално на господинот Фишер“ - изјави Бенита Фереро Валднер.

Обајцата се пожалија на релативно нискиот одзив на бирачите, кој изнесуваше 71 проценти, цели четири насто помалку од претходните избори.

Ваквиот исход на претседателските избори секако ќе има последици по вкупната политичка ситуацијата во Австрија. Тој претставува нова потврда за растечкиот тренд на социјалдемократите, како и директен пораз за канцеларот Волфганг Шисел, бидејќи Фереро Валднер беше кандидат по негов избор. Шисел веднаш ја замоли својата министерка за надворешни работи да продолжи да ја извршува функцијата и покрај изборниот пораз, така што таа уште денеска ќе ја претставува Австрија на средбата на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Луксембург.

За Хајнц Фишер пак почнува нова фаза од неговиот политички живот. 65-годишниот правник, кој повеќе од една деценија беше претседател на парламентот, шеф на парламентарната група на социјалдемократите, како и министер за наука добива нова политичка тежина. Претседателот на државата во Австрија директно се бира од народот, тој е врховен командант на армијата, а има соодветни права и при формирањето на владата.