Хашкиот трибунал бара 28 години затвор за Шешељ
8 март 2012Шешељ е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото кон несрпското население во делови на Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија во периодот од 1991-1994 година. Тој доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал на 24 февруари 2003 година.
„Неговите злосторства заслужуваат казна соодветна на нивната сериозност и нема никакви олеснителни околности. Обвинетиот е одговорен за страдањата, предизвикани врз десетици илјади жртви, кои биле протерани од своите домови, убивани, апсени, малтретирани“, истакна Маркусен.
Обвинителот нагласи дека лидерот на српските радикали е одговорен што доброволците, кои ги „собирал, организаирал и контролирал“, ги извршиле „некои од најжестоките злосторства“ и дека тој „ги поттикнувал, им помагал и ги поддржувал“.
„Доказите без сомнение потврдуваат дека Шешељ бил учесник во криминалната иницијатива за создавање на одвоена српска држава - Голема Србија“, додаде хашкиот обвинител. На крајот од своето излагање Маркусен потенцираше дека Обвинителството ја смета за докажана вината на Шешељ и побара од Хашкиот трибунал да го прогласи за виновен по сите девет точки од обвинението.
Шешељ, кој се брани самиот, тврди дека не е виновен и го смета процесот против него како заговор за негово отстранување од политичката сцена.
Автор: АТ/ АМ/ миа
Редактор: Е. М. Фиданоска