Хаос и очај на грчко-македонската граница
1 март 2016
Не постојат други зборови кои ја опишуваат атмосферата во Идомени- мало село со помалку од 150 жители на грчко-македонската граница- подобро од очај, тензија, лутина и хаос.
„Што ќе се случува со нас? Плачам секој ден; имам жена и моето бебе е болно“, вели Мохамед кој веќе осум недели е на граничниот премин. „Мојот број е 65, и јас сум следен, но не знам уште колку ќе треба да чекам“. Иако беше најавено дека дневно ќе бидат пропуштани по 500 лица, во саботата беа пропуштени помалку од 220, во неделата-300, а во понеделникот 50. На луѓето им е преку глава и тоа веќе е видливо. Во саботата почнаа првите протести, но тие беа мирни и ненасилни.
„Не сакаме храна, не сакаме пари, само сакаме да одиме. Погледни ме! Немам облека, не сум туширана. Зошто?“ вели Рим, разгневена сириска жена која е во првите редови на протестот.
Во неделата протестот продолжи со обид да се блокира железничката линија. „Тука веќе има премногу луѓе. Во моментов во кампов кој е предвиден за 3 илјади луѓе, сместени се 7 илјади“, вели Антонис Ригас, координатор на Лекари без граници.
Но во понеделникот, веќе можеше да се почувствува дека се подготвува нешто големо. Луѓето почнаа да се собираат на железничката пруга, насекаде шепотење; лидерите ги координираа луѓето. Стотици застанаа пред лизгачката врата низ која минуваат возовите од Грција за Македонија. Откако попушти блокадата на грчката полиција, стотици луѓе почнаа да трчаат кон граничниот премин. Оние во првите редови веќе имаа и сообраќаен знак со кој се обидуваа да ја турнат оградата на преминот.
Граничниот премин изгледаше хаотично. Многумина се обидуваа да се искачат преку оградата, а сите викаа во еден глас „Отворете ја границата“, најпрво на арапски, а потоа и на англиски. И додека македонската полиција само набљудуваше, масата го губеше трпението. Оние во првите редови продолжија да ја буткаат оградата и да се обидуваат да ја отворат влезната врата. Тогаш се почна да се распаѓа. Откако падна оградата полицијата употреби солзавец директно во толпата на грчка територија. Тоа ја смири состојбата, но главната група остана да протестира на железничката пруга.
„Ова не може вака да продолжи. Сакам да одам назад. Велат дека е подобро во „жешките точки“. Сакам да одам во Самос. Слушнав дека доколку останам таму два месеци потоа можат да аплицирам за азил и со авион да заминам во Германија. Ова тука веќе не е живот. Нема доволно храна, а трошиме премногу пари“, вели еден млад Сириец во Идомени.
Условите во Идомени навистина се ужасни. Стотици луѓе пристигнуваат секојдневно. Притоа, Идомени не е ниту „жешка точка“ ниту бегалски камп, па тука не игра никаква улога ниту одлуката на грчката влада да им забрани на новинарите да влегуваат во камповите. Едноставно бегалците се насекаде и сите се надеваат дека ќе го продолжат патот натаму.