Хамас учествувал во грабнувањето на трите израелски момчиња
23 август 2014Водачот на Хамас Калед Машал (на насловната фотографија) призна учество во грабнувањето и убиството на израелските момчиња на средината на јуни. „Претходно не знаевме за делото кое го стори оваа група членови на Хамас“, изјави Машал во интервју за „Јаху њус“, кое е објавено денеска (23.08). „Но ние сфаќаме дека луѓето под окупација и угнетување се фрустрирани и преземаат сѐ можно“. Машал нагласи дека ракводството на Хамас не било вклучено во плановите.
Трите израелски момчиња на средината на јуни беа киднапирани во Западниот брег и подоцна пронајдени мртви. Израелската влада одговорноста за нивната смрт ја префрли врз Хамас. Оваа организација првично го негираше тоа. По убиствата продолжи бран насилства, кои преминаа во нова војна во Газа.
„Потребно ни е попрецизно оружје“
За актуелниот конфликт Машал вели: „Хамас и палестинскиот отпор одговорија на израелската агресија“, рече тој. „Ние не целиме кон цивили“. Тоа што постојано се погодени и лица кои не учествуваат во конфликтот, тој го оправдува со постоечката технологија: „Нашето оружје не е толку напредно, како она на непријателот“, изјави водачот на Хамас. „Ветуваме дека ќе целиме само кон воени цели, доколку добиеме попрецизно оружје“.
Вчера во Израел загина едно четиригодишно дете од граната истрелана од Палестинците. Израeлскиот премиер Бенјамин Нетанјахи најави одмазда за смртта на детето. Радикално-исламистичкиот Хамас „ќе плати висока цена за овој напад“ го цитираше Нетанјаху портпаролот Офир Генделман преку Твитер.
Според податоци на изралеското Министерство за здравство, во крајбрежната област од почетокот на израелската офанзива на почетокот на јули загинале 2096 Палестинци, повеќе од 10.500 биле повредени. По пропаѓањето на последната иницијатива за прекин на огнот, на средината на неделава, Израел и Палестинците продолжија со меѓусебните напади.