1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамас ненадејно објави прекин на огнот

ЖА/дпа/афп/ртре27 јули 2014

Прво Хамас го игнорираше едностраното објавено примирје од страна на Израел и продолжи со испалување ракети. По израелскиот противудар, исламистите сега објавија 24-часовен прекин на огнот.

https://p.dw.com/p/1CjY9
Фотографија: Reuters

Палестинското исламистичко движење Хамас објави ново 24-часовно примирје, со почеток во 14 часот по локално време (11 часот по средноевропско време).

„Во договор со Обединетите нации, поради положбата на нашиот народ како и поради Рамазан Бајрам, спротиставените групи се согласија да поддржат 24-часовно хуманитарно примирје, кое почнува денеска во 14 часот“, изјави портпаролот на Хамас, Сами Абу Зухри.

Израелго одби таквиот предлог, откако денеска го укина сопственото 24-часовно примирје како одговор на ракетните напади на Хамас врз јужниот и централниот дел на Израел.

Од утринава биле испалени нови ракети од Појасот Газа, кои израелската противракетна одбрана ги онеспособила над градовите Ашдод и Ашкелон.

На тоа израелската армија одговори со предвремен прекин на сопственото еднострано примирје и ги продолжи нападите од воздух, море и копно.

Израелските војници ќе продолжат со уништување на тунелскиот систем во палестинските области, изјави армиски портпарол. Кратко по најавата за прекин на примирјето, во Газа и во источниот дел од Појасот Газа повторно се слушаат експлозии. Од палестински извори се тврди дека во најновите израелски бомбардирања има најмалку тројца загинати.

Израел го обвинува Хамас за планиран напад врз израелски цивили преку тунел во граничната област. Израелската тајна служба, како што потврди министерот задолжен за неа, Јувал Стајниц, има сознанија за планиран напад за време на еврејскиот новогодишен празник во септември. Хамас наводно имал намера истовремено да испрати стотици вооружени борци на израелска територија со задача да убијат што е можно повеќе луѓе или да ги грабнат и пренесат во Појасот Газа. Информациите, кои не можат да бидат проверени од независен извор, наводно се базирале врз изјави од членови на Хамас, уапсени во израелската воена операција во Појасот Газа. Од нејзиниот почеток израелската армија откри и уништи повеќе подземни тунели кои од палестинска водат на израелска територија.

На притисок на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кои посредуваат во конфликтот, Израел и Хамас вчера се согласија на 24-часовна пауза во воените дејства, која требаше да биде продолжена на уште четири часа, за да можат луѓето во Појасот Газа да ги обноват своите залихи со храна, лекови и вода за пиење.