1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамас и Фатах се спогодија за нов шеф на владата

13 ноември 2006

Политичките преставници на Хамас и Фатах постигнале согласност околу новиот премиер кој ќе треба да застане на чело на идната влада за национално единство. Во меѓувреме арапските земји се договорија да ја отстранат финансиската блокада против владата на Хамас.

https://p.dw.com/p/Ac1m
Палестина
ПалестинаФотографија: AP

Палестинското движење Хамас и преставниците на партијата Фатах на претседателот Махмуд Абас ги продолжуваат разговорите за формирање влада на национално единство. Веќе е извесно дека Мохамед Шбеир, академик и поранешен директор на исламскиот универзитет во Газа ќе биде новиот палестински премиер. Хамас предложил три имиња кои според информациите биле прифатливи за претседателот Махмуд Абас, но тој и преставниците на Хамас се согласиле околу изборот на академикот.

Франс Прес ја пренесува изјавата на Шбеир, кој вели дека засега сеуште не добил формална понуда за функцијата, за која вели дека со задоволство ќе ја извршува. Двете страни се надеваат дека формирањето на влада на национално единство ќе помогне во решавањето на проблемот и симнување на ембаргото за хуманитарна помош од страна на САД и ЕУ. Брисел и Вашингтон бараат од палестинските власти да го признаат правото на постоење на Израел и да се откажат од насилството.

Во меѓувреме највисокиот орган на партијата Фатах го избра Махмуд Абас за врховен лидер. Револуционерниот совет на партијата ја донесе одлуката со која практично Абас ја добива позицијата која ја имаше Јасер Арафат до неговата смрт во 2004 година.

Во меѓувреме министрите за надворешни работи на Арапската лига побараа одржување на нова мировна меѓународна конференција за Блискиот Исток, на која треба да учествува и Израел. Целта е да се најде сеопфатно решение на конфликтот.

Предлогот за нова конференцијата на која сите страни во Блиско- источниот конфликт ќе седнат на заедничка маса беше поставен на состанокот на Арапската лига, одржана на викендот во Каиро.

Палестинското радикално движење Хамас прв пат се изјасни дека е подготвено да учествува на меѓународна мировна конференција заедно со Израел. Тоа на средбата го потврди и палестинскиот министер за надворешни работи Сахар кој е член и на Хамас. Целта е да се пронајде праведно и сеопфатно решение за деценискиот конфликт. На средбата, арапските земји донесоа одлука и да ја отстранат финансиската блокада против владата на Хамас. Ова е против одговор на американското вето да не се осуди Израел во Советот за Безбедност по нападот врз цивили во Газа: „Ние нема да бидеме дел од некаква блокада со која се казнува палестинското население. Но, ќе работиме заедно со цел помошта која им е потребна на Палестинците да дојде до народот”, појасни лидерот на Арапската лига Амр Муса.