Фуере почесен граѓанин на Охрид
19 јануари 2010Од синоќа (18.01.10) и официјално евроамбасадорот Ерван Фуере е почесен граѓанин на Охрид. Тој заедно со повелбата го доби и „Клучот на градот “ со што симболично локалната власт му се оддолжи за неговата несебична помош и промоција на Охрид. Минатиот декември во седиштето на Европската унија во Брисел со негова помош пред дипломатите беше промовиран Охрид како македонска туристичка и културна дестинација. Тоа беше прво претставување на македонски град во престолнината на Унијата.
Во Охрид за медитација
„Охрид го чуствувам како многу посебен, специјален град. Не е само културата, традицијата, убавините, туку и пријателството и наклоноста на охриѓани кон секој добронамерник. Охрид е мојот втор дом после домот во западна Ирска. Охрид навистина е европски град. И се надевам дека кога Македонија ќе стане дел од европското семејство градов ќе биде привлечен за многу посетители кои ќе доаѓаат да уживаат и особено да медитираат, бидејќи езерото ве тера да размислувате за животот. Охрид има голем потенцијал во туризмот, но треба да се внимава природните убавини да се остават заштитени за идните генерации,“ истакнува Ерван Фуере.
Македонија заслужува да биде во Европа
Се покажа во многу тешки политички моменти, дека Фуере е еден од оние дипломати кои успева да ги смири зовирените страсти на политичарите, независно дали се од позицијата, опзицијата и која етничка припадност имаат: „Морам да кажам, дека Македонија е земја која страдаше многу како и другите земји на Балканот и тежината на историјата се’ уште се чуствува насекаде. Но, во исто време има огромен дух и решеност, надеж за иднината и затоа верувам дека македонскиот народ заслужува да биде во Европската унија, каде што може да придонесе во засилувањето на различностите. Македонските политичари мора да се свртат кон дијалогот и консензусот. Сметам дека недостасува дијалог, а тој е решение за се’,“ порачува Фуере.
Нема здрав дијалог
„Дијалогот треба да биде дел од секојдневниот живот. Се’ уште не е така вграден – дијалог меѓу партиите, дијалог помеѓу граѓаните тоа е потребно. Земјата ќе стане силна само ако се изгради консензус. Сметам дека има се’ уште политичари во Владата кои сметаат дека ако некој некого критикува дека тоа не е во ред. Напротив критикувањето овозможува да се развијат дискусии за да постои дијалог,“ вели Фуере.
Граѓаните чекаат компромис
За дежурната тема – спорот со името и односите на Македонија со Грција, Фуере смета: „Мора да постои чекор напред. И ние во Ирска вложивме многу во проблемите што ги имавме со Велика Британија, но направивме компромис. Граѓаните очекуваат компромис и да се реши проблемот со името.“
Кога не е на должност дипломатот сам или во придружба на пријателите долж и попреку ја врви Македонија. Го знае речиси секој нејзин дел. „Љубовта кон музиката, кон животот, кон духовноста, тоа е она што ме врзува мене како Ирец во оваа земја Македонија. Ние имаме многу заеднички нешта,“ вели дипломатот.
Неговата пресретливост од која можат да учат многу јавни лица уште пред околу три години ја препознаа токму охридските новинари. Тие тогаш му го врачија признанието: „Најотворен политичар во Македонија кон новинарите. “
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Александра Трајковска