Фудбалски празник, гостува Шалке
24 мај 2013Шалке е едно од најголемите имиња на германскиот фудбал. Со над стогодишна клупска историја, со титули во Бундеслигата, со победи во германскиот куп, со престижни настапи во Европските купови, со една од најбројните навивачки армии, конечно и со спектакуларната Фелтинс Арена во Гелзенкирхен. За Вардар, за Скопје, за Македонија, ова е фудбалски празник, вели тренерот на „црвено-црните“, Благоја Милевски:
„За целата наша спртска јавност гостувањето на Шалке претставува голема чест. Натпреварот има ревијален карактер, но тој треба да претставува празник на фудбалот. Во опуштена, резултатски растоварена атмосфера да одиграме меч, кој ќе биде уживање за навивачите.“
Шалке ја заврши сезоната во Бундес лигата на 4-то место, зад Бајерн Минхен, Борусија Дортмунд и Баер од Леверкузен, обезбедувајќи одново учество во Лигата на шампионите. Денеска експедицијата од Гелзенкирхен ќе пристигне во Скопје. Во составот на „ сините“ ќе недостигаат неколкумина играчи, кои имаат обврски кон своите репрезентативни селекции во квалификациите за Светското првенство. И тренерот на Вардар, Милевски, со доза на извинување за реномираниот гостин:
„Овој натпревар со Шалке го играме во ’невреме’, во фаза на решавачките два дуели од шампионатот на Македонија, во кој се бориме за титулата. Ќе мораме да истрчаме во комбиниран состав, бидејќи веќе в среда не очекува гостувањето на Металург. Но, ќе се грижиме и за реномето на Вардар, ќе прикажеме добар фудбал.“
Клупско пријателство, започнато во 70-те
Блиските клупски врски меѓу Вардар и Шалке датираат од 70-те години , кога Драган Мутибариќ направи трансфер во Шалке. За Дојче веле, легендарниот вардаров голман ги враќа сеќавањата:
„Многу и‘ се радувам на новата средба со Шалке, клуб за кој ме врзуваат убави спомени. Во прв момент бев по малку исплашен од големината на клубот. Знаете, во Вардар јас се чувствував како ’џин’! Таму на почетокот ми се ’отсеко’ нозете, се прашував како ќе бидам примен во Шалке? Но, тој страв веднаш исчезна, уште по првите контакти со луѓето од клубот и со соиграчите од кои добив голема поддршка.“
Мутибариќ беше споната за првото гостување на Шалке во Скопје во 1976. година на Градскиот стадион. Тоа беше генерацијата на германскиот гигант предводена од извонредниот стрелец Клаус Фишер,од Клаус Фихтел...Мутибариќ си споменува:
„Вардар победи со 3:1! Стадионот беше исполнет, атмосферата одлична, но јас обземен од силните емоции бранев слабо. На полувремето побарав да бидам заменет, но тренерот инсистираше да останам на голот. Не можам да ја заборавам сцената по завршувањето на натпреварот кога навивачите на Вардар, среќни што одново ме гледаат, ме креваа на раце. Моите соиграчи од Шалке просто не можеа да поверуваат дека сум толку популарен!... Се вративме во Гелзенкирхен со убави спомени од пријателската атмосфера во Скопје“.
Двата клуба пред 9 години имаа дуели и од вистински натпреварувачки карактер, како учесници во европскиот Интертото куп. Шалке го елиминира Вардар, на Германците им се посреќи и стигнаа до финалето и го освоија пехарот. Остана пријателството! Тоа пријателство го негуваат и продлабочуваат и навивачите. Вардаровите „Комити“ во изминатата сезона патуваа на натпреварите на Шалке во Лигата на шампионите, придружувајќи им се на германските фанови.
Денес, околу 200 навивачи се во придружба на Шалке на гостување во Скопје.
Натпреварот ќе се одигра во 20 часот, а почетниот удар ќе го изведе Драган Мутибариќ.