Вишеградската група не сака бегалски квоти
5 септември 2015Може да се каже дека се работи за извесна иронија: Вишеградската група беше основана во 1991 година, по крајот на комунизмот, меѓу другото и со цел да ги застапува заедничките интереси за европска интеграција. Во меѓувреме овие четири земји (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија) се членки на ЕУ, но денес прават фронт против распределба на бегалците ширум ЕУ, што значи по ова прашање имаат став кој е спротивен на европската интеграција. Притоа, од сите земји од фрупата само Унгарија мора да се справи со поголем број бегалци и само таа е транзитна земја. Другите три земји бегалците и онака ги заобиколуваат во голем лак.
Тоа е и причината зошто владите од земјите на Вишеградската група аргументираат дека бегалците и онака не сакаат да останат во нив и настојуваат да стигнат на запад, пред се‘ во Германија. Оттука, според нив, утврдени квоти не би имале смисла. Тоа што речиси ниту еден бегалец не поставил барање за азил во овие четири држави е поврзано, според ЕУ-стандарди, со релативната сиромаштија во овие земји.
Ив Паско од бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика потврдува дека Германија има голема привлечна моќ и тоа не се должи само на поголемата благосостојба. Во разговор за ДВ тој зборува за „две слики“ кои барателите на азил ги имаат пред себе: „Тие имаат една слика на Германија, која им посакува добредојде, а од друга страна слика на група држави кои не сакаат да ги имаат на своја територија.“
Квотите се „луда идеја“
Тоа водечките политичари од Вишеградската група не го кријат. Словачкиот премиер Роберт Фицо неодамна рече: „Квотите само би го поттикнале организираниот криминал.“ нанесувајќи и‘ страничен удар на Германија,т ој додаде: „Ние нема да помагаме да се оствари лудата идеја за прием на сите со отвроени раце.“ За чешкиот претседател Милош Земан практични сите мигранти се „економски бегалци“ и „треба под итно да се вратат назад“.
Уште појасен неодамна беше поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус: „Ако Европа сака да изврши самоубиство со прием на неограничен број доселенции, тогаш нека го прави тоа, но без наша согласност“, рече Клаус за онлајн-изданието на весникот „Днес“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан идејата за квоти уште на почетокот на летото ја нарече „луда“ и предупреди: „Масовното доселување може да го промени ликот на европската цивилизација.“
Поддршка од Балтикот
Вишеградската група не е осамена во својот негативен став кон квотите. И балтичките држави не сакаат дополнителен број бегалци, иако досега речиси и немаат примено никого. Поранешната естонска министерка за надворешни работи Кристина Ојуланд на Фејсбук дури изрази и загриженост дека е загрозена „белата раса“.
Отпорот не е ограничен само на истокот на Европа. Британскиот премиер Дејвид Камерон зборува за „јата“ бегалци од кои Европа треба да се брани. И Данска драстично ги намали социјалните услуги за барателите на азил за да ги држи бегалците подалеку до себе.
Така проблемот останува да им виси на неколку држави кои примаат бегалци во поголем број, а една од нив е и Германија. Дел од застапниците на системот на квоти размислуваат за воведување принудни емрки. Австрискиот канцелар Вернер Фајман на противниците им се закани со финансиски казни доколку го блокираат праведното распределување на бегалците.
Ив Паско смета дека принудата не носи ништо. Наместо тоа, противниците би требало „да се убедат дека заедничките постапки ќе придонесат за решение за сите“. Ако ЕУ има некакво значење, тогаш тоа е дека „ние сите профитираме од Унијата, но и дејствуваме заедно и врз основа на солидарност“.