1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција со мака остана европска

Бернд Ригерт
24 април 2017

Популистка успеа да влезе во вториот круг избори во Франција. Тоа е историски неуспех за демократијата, но сѐ уште не е катастрофа, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2bmf4
Französische Flagge
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Zinken

Резултатот од првата рунда на претседателските избори во Франција не е добар, иако можеше да биде и полош. Десната популистка Марин Ле Пен е второпласирана и со тоа влегува во вториот круг од изборите. Тоа е нејзиниот најголем политички успех досега. Разузданата националистка напредува. Откако го презеде кормилото во партијата од својот татко антисемитист, таа Националниот фронт го води кон сѐ поголеми успеси - на регионалните избори, на европските избори и сега на претседателските избори. Што ли се случува со втората по големина земја во ЕУ кога една малициозно стратешки надарена политичарка со убедувања „од завчера“ слави ваков триумф?

Таа не освои најмногу гласови, но беше блиску до тоа. Тоа е сензација, горчлива победа над сите вистински демократи. Последната надеж сега е либералниот, социјалдемократски настроен Емануел Макрон. За него гласаше разумот, не чувствата. Во вториот круг избори за две недели сега сѐ зависи од тоа дали разумните ќе гласаат за Макрон иако не сите се согласуваат со неговиот политички правец. Социјалистите и конзервативците би морале и веројатно ќе застанат зад 39-годишното, релативно неискусно чедо на политичкиот естаблишмент. Зашто, сега се работи за тоа Марин Ле Пен и нејзините национални фантазии за семоќ да се држат колку што е можно помали. Некои истражувачи на јавното мислење размислуваат околу евентуален Трамп-ефект во вториот круг, што значи неочекувана надмоќ на популистите. Но, такво нешто во Франција е речиси исклучено. Тоа се должи на францускиот изборен систем, кој со вториот круг на избирачите кои во првиот круг сакале да изразат протест и лутина, така да се каже, им дава втора шанса за рационална одлука.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Последно предупредување

Дури и ако на крајот Емануел Макрон влезе во Елисејската палата, овие избори се нешто како последно предупредување. Неговите претходници, конзервативецот Никола Саркози и несреќниот социјалист Франсоа Оланд, не успеаја да ја обноват Франција и да спроведат економски и општествени реформи. Французите во голем дел гласаа не само за десните радикали, туку и за левите радикали, значи за другиот екстрем - стариот комунист Жан-Лук Меланшон. Тоа значи дека речиси секој втор избирач го отфрла досегашниот систем. Ниту една од етаблираните партии не стигна до вториот круг. Тука е задачата на Макрон. Тој мора Французите кои се чувствуваат многу несигурни, економски запоставени, од страна на елитите - изолирани и од странците и доселениците загрозени, да ги врати повторно во средиштето на општеството. Тоа ќе биде многу тешка задача.

Соседите на Франција и Европската Унија, кои вчера го запреа здивот, сега може кусо да здивнат. Франција ќе остане во еврозоната и нема да ги напушти ЕУ и НАТО. Сето тоа ќе беше загрозено во случај на победа на Ле Пен и Меланшон. Но, Европејците не може да продолжат како досега. Франција како солидарен потпирач на ЕУ, секогаш на страната на Германија, во никој случај не е нешто што се подразбира само по себе, како што многумина си мислеа. Емануел Макрон ќе ѝ поставува барања на ЕУ. Тој сака фискални олеснувања. Германија треба да го намали својот трговски суфицит со Франција. Тоа за канцеларката нема да биде едноставно патување, но на Макрон сега ќе мора да му се помогне. Европа мора да им докаже на Французите дека разумно гласање против популизмот и изолационизмот се исплати.

И, патем, истражувањата на јавното мислење овојпат беа точни. Значи, и надежта за демоскопите не е загубена, и покрај погрешните прогнози за Брегзит, Трамп и изборите во Холандија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија