Франкфуртскиот аеродром во потрага по работници во ЈИЕ
21 април 2018ДВ: Пред летната сезона на Франкфуртскиот аеродром му е итно потребен персонал. Секое десетто од вкупно 20.000 работни места во Фрапорт АГ и неговите фирми-ќерки е празно, јави агенцијата ДПА. Зошто не можете да најдете доволно работници во Германија?
Калиопи Мегаломиду: Толку лошо не е, затоа што половината од овие работни места се создаваат со флуктуација, тоа е сосема нормално во овие бранши. Другата половина се работни места кои се настанати поради зголемувањето на интензитетот на сообраќајот. Тоа е предизвик, зашто ситуацијата на пазарот на работна сила во моментов е многу неповолна. И други претпријатија наголемо бараат персонал. Стапката на невработеност е релативно ниска. Значи, оние кои бараат работа се во добра позиција да си изберат работно место.
Фрапорт сега оди во потрага по персонал на нов начин. Како изгледа тоа?
Почнавме со широка кампања на регрутирање, која примарно би требало да ги опфати оние кои бараат работа во регионот Рајна-Мајна. Тоа се класичните огласи за работа, плакати во градот, радио и телевизиски спотови. Активни сме и на социјалните мрежи. Покрај тоа, се разбира, постои и опцијата - странство. Во Бугарија и Грција веќе имаме удел во некои аеродроми, на пример во Варна и Бургас, а во Грција на 14 места. Искуствата ни се многу добри. Сега преиспитуваме како можеме да регрутираме персонал од овие земји за аеродрмот во Франкфурт.
Зошто барате токму Бугари и Грци, а не на пример Срби, Албанци или Косовци?
Во Бугарија и Грција сме веќе активни. Почнуваме со овие земји, затоа што постои и европската предност на слободен избор на работа, и тоа сакаме да го искористиме. Но отворени сме во основа и за други земји.
Колку долгорочно е сето тоа замислено?
Не сме заинтересирани за понуда на сезонска работа, напротив. На оние кои ќе конкурираат сакаме да им понудиме долгорочна перспектива во Германија.
Постојат ли специјални квалификации кои треба да ги имаат заинтересираните за работа?
Класични сфери на работа се грижа за патниците и безбедноста во воздушниот сообраќај, но бараме и возачи на автобуси и на багаж. Тоа, се разбира, не се места за кои се потребни високи квалификации. Доволни се добри познавања на германскиот, можеби и на англискиот јазик. Предност е ако се има возачка дозвола, но таа може и овде да се добие. За новите работници нудиме и јазични курсеви.
Франкфурт е многу скап град. Што можете да им понудите на луѓето за да се исплаќа фдинансиски да дојдат овде?
Работиме на решенија, за да понудиме станови околу аеродромот кои нема да бидат многу скапи. За почетната фаза планираме соби, апартмани и станови за по неколку лица како решение за првично сместување. Тие се веќе реновирани и подготвени. Во моментов рагледуваме други недвижности. Во контакт сме и со околните општини. Се разбира дека за почеток сакаме да понудиме простор за живеење кој ќе биде финансиски поволен.
Калиопи Мегаломиду е менаџер-сенир во Фрапорт АГ за регрутирање работна сила во странство. Аеродромот Франкфурт е најголем германски и четврт по големина европски аеродром. Тука се вработени вкупно 81.000 луѓе.