Фолксваген го претстави Голф 7
5 септември 2012Новиот Голф-7 го задржа препознатливиот „хечбек“ облик, но е малку поширок и подолг од својот претходник, има понизок кров и е за цели 100 килограми полесен од последниот модел.
Повеќе од 700 гости присуствуваа на синоќешната промоција во берлинската национална галерија каде беше претставен и историјатот на моделот.
Голф-от, кој своето име го доби според Голфската струја, е најчесто возило на германските патишта и познат бренд ширум светот.
„Најважното возило е и останува Голф-от“, изјави шефот на Фолксваген Мартин Винтеркорн.
Првиот Голф се појави во 1974 година, како наследник на легендарната „бубачка“. Оттогаш се продадоа повеќе од 29 милиони возила од овој модел. Најголем ривал на Голф во изминатите децении е Тојота Корола, која од 1966. година се продаде во 37,5 милиони примероци.
Од Фолксваген соопштија дека не планирале новиот Голф да донесе никаква револуција, туку едноставно да биде подобар од другите.
Новиот автомобил почна да се произведува во фабриките во Волфсбург и Цвикау, како и во кинеската Чангчунг уште во август годинава, но се’ досега неговиот изглед беше строго чувана тајна.
Основната верзија на новиот модел ќе чини околу 17 илјади евра во Германија, а продажбата ќе започне во ноември годинава.
Неколку десетина екологисти, организирани од Гринпис протестираа пред зградата каде што се одржуваше промоцијата. Тие го критикуваат Фолксваген поради тоа што ја одбил можноста да ја намали потрошувачката со што новиот модел би бил еколошки поефикасен.