Фолксваген го конструира првиот хибриден еко – автомобил во Германија
16 јули 2008Гледано однадвор, обичен син голф. Но внатре „преде“ електромотор, а само по потреба се активира и дизел мотор или мотор на бензински погон. Новиот проект е насловен „хибридна технологија“, па не е ни чудо што прв се провози токму германскиот министер за екологија Зигмар Габриел.
“Неверојатно колку е тивок. Ова ќе ги израдува сите што се жалат на прегласниот сообраќај. Но, веднаш доаѓаме и до прашањето на безбедноста. Тоа ќе ја направи оваа технологија уште попредизвикувачка“.
Голф Twin Drive се` уште се тестира
Инаку, Фолксваген важи за аутсајдер во полето на новата хибридна технологија. Голф Twin Drive, како што го нарекуваат, се` уште се наоѓа во фаза на испитување и на улиците најпрвин ќе се најдат 20 прототипа од ова возило. Други светски производители одамна ја поминаа таа фаза, како на пример јапонската Тојота, која веќе одамна го лансира хибридното возило, а и Џенерал Моторс најавува дека подготовките се при крај.
Меѓутоа, Фолксваген би требало технички да ги надмине конкурентите, уверен е Јирген Леохолд, шеф на одделението за развој на фирмата:
„Денес на пазарот за возила на хибриден погон се присутни возила со многу слаби електромотори. Кај нив погонот е многу комплициран. Затоа решивме да направиме модел под мотото „што поедноставно“.
„Машината на нашето возило се движи по принципот на внатрешно согорување, како кај оние на бензински погон во четврта или петта брзина. Значи, автомобилот нема доволно сила за почетната брзина. Таа задача ја презема електромоторот, кој всушност помага и го зголемува погонот при помали брзини“.
Хибридниот Голф може да помине 50 километри, а се полни на секои 4 часа
Кога ќе се исклучи моторот на бензински погон, хибридниот голф може да помине уште 50 километри. Потоа морате да го вклучите во струја за електричниот мотор повторно да се наполни, што трае 4 часа. Ова значи дека на подолги патеки ќе мора да се користи само моторот на база на внатрешно согорување.
Хибридните автомобили ќе станат навистина интересни на пазарот само тогаш кога ќе успејат да поминуваат подолги релации единствено на електромотор. За тоа е свесен и шефот на концернот, Мартин Винтерком:
„Имаме бензински и дизел мотор, имаме и автомобил на хибриден погон. Електромоторот, сам по себе, не е проблем. Она што ни недостасува е технологија што би ни овозможила батериите да издржат подолго“.
15 милиони евра помош од германското Министерство за екологија
Поради сето ова, во хибридниот проект се вклучени и производителите на акумулатори. Германското Министерството за екологија обезбедува и финансиска помош од 15 милиони евра, затоа што равојот на хибридната технологија е дел од стратегијата на германската Влада за заштита на климата.
Министерот за екологија очекува за 12 години, значи до 2020, милион автомобили на хибриден погон да бидат вклучени во штековите.
„Автомобилите ќе се полнат и на улица. Колку повеќе такви возила има, толку повеќе сообраќајот и инфраструктурата ќе мора да се прилагодуваат на нив“.