Филип Лам се простува од репрезентацијата
18 јули 2014Филип Лам ќе се пензионира од националниот тим, потврдено е денеска од страна на неговиот агент. Одлуката на Лам е големо изненадување за германската фудбалска јавност и се случува само неколку дена по големата прослава во Берлин на освоената четврта светска титула на Мундијалот во Бразил.
Агентот на 30-годишниот играч на Бајерн Минхен досега не ги објасни причините за повлекувањето. Лам неколку години ја предводеше репрезентацијата и важеше за клучен елемент во стратегијата на селекторот Јоахим Лев.
Освојувањето на светската титула е врвот во кариерата на Лам, во која тој се закити и со титула во Лигата на шампионите, шест титули во Бундеслигата и шест германски купови.
Репрезентативната кариера Лам ја започна во февруари 2004 година во победата на Германија над Хрватска од 2:1. За Германија одигра 113 натпревари и постигна пет голови.