1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Од 1 јуни без маски, полицискиот час останува

ДТЗ
28 мај 2021

Министерот за здравство Филипче најави дека наскоро ќе може да се организираат свадби на отворено, на спортските натпревари ќе се врати публиката, а се укинува и забраната за групирање.

https://p.dw.com/p/3u5y8
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Животот полека се враќа во нормала. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од 1 јуни маски веќе нема да се носат на отворено, но полицискиот час од 24 до 4 часот изутрината, којшто е на сила, останува и натаму. Наскоро ќе може да се организираат свадби на отворено, на спортските натпревари ќе се врати публиката, а ќе се укине и забраната за групирање.

„Утрово на Комисијата за заразни болести донесена е одлука до Кризниот штаб да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки. Пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи“, информираше Филипче на социјалните мрежи.

-повеќе на темата: Од 1 јуни збогум за маските на отворено?

Комисијата до кризниот штаб ќе ги предложи следните олабавувања:
- Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни
-  Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски
- Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6
-  Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот
- Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса,  додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила

-повеќе на темата: Филипче најавува свадби на отворено и ковид пропусници за патување 

Полицискиот час останува на сила. Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани. 

„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, вели Филипче.