1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе инсистира на продолжување на реформите

ЖА/макфакс/миа15 мај 2014

Македонскиот претседател Иванов на еврокомесарот за проширување, Филе, му рекол дека предолгото чекање на Македонија за влез во ЕУ не помага за забрзување на реформите и надминување на забелешките од извештајот на ЕК.

https://p.dw.com/p/1C0hi
Фотографија: MIA

Предолгото чекање за следниот исчекор во евроинтегративниот процес не помага за забрзување на реформите и надминување на забелешките од извештајот на Европската комисија, му порачал претседател Ѓорге Иванов на еврокомесарот Штефан Филе денеска (15.05.) во Брисел.

Иванов истакнал дека статус-кво состојбата создава фрустрации, додека еврокомесарот Филе, пак, порачал дека реформскиот процес мора да продолжи, со фокус на надминување на забелешките на извештаите од Европската комисија и ОДИХР.

Притоа, Филе истакнал дека по изборите за новиот состав на Европскиот парламент, што ќе се одржат пред крајот на овој месец, тој е подготвен да го продолжи конструктивниот дијалог со македонскиот претседател во однос на предизвиците и можностите во наредниот период.

„Република Македонија бара на претстојниот самит да биде применет позитивниот пример на паралелно движење, во интеграцискиот процес и во надминувањето на билатералната разлика“, порачал претседателот Иванов.

Иванов во Брисел ќе оствари и средба со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој.