1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе без коментар за откажаниот Самит во Охрид

Милчо Јованоски/ миа31 мај 2013

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе не сакаше да го коментира откажувањето на Самитот на претседатели на држави или влади од Југоисточна Европа во рамки на ПСЈИЕ, посочувајќи дека за него е најважна инклузивноста.

https://p.dw.com/p/18hoE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Коментирајќи го предлогот на романската делегација откажаниот Самит на претседатели на држави или влади од ПСЈИЕ да се одржи утре во Охрид, еврокомесарот за проширување Штефан Филе рече: „Ако се одржува каков и да е вид на самит кој е инклузивен, на кој ќе ги има сите претставници од регионот, ние ќе го поддржиме. Би го поздравил доколку Романија донесе инклузивност со предлогот.“

Одговарајќи на новинарско прашање дали откажувањето на самитот од страна на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов беше добар чекор, Филе одговори: „Не би сакал да коментирам дали е добра или лоша работа. Со оглед на информациите кои земји беа подготвени да дојдат и немаше многу опции. За мене беше важно да се обезбеди министерскиот состанок да биде инклузивен, а организаторите успеаја во тоа“, заклучи Филе.

„2013. треба да биде добра за проширувањето“

Според еврокомесарот Филе, мартовскиот договор во Македонија е јасен, некои работи се веќе спроведени, некои не, особено ад хок комисијата. Според Филе меѓутоа е важно да се исполнат сите точки од договорот. „Гледам во календарот, и ја гледам втората половина на јуни кога овие прашања ќе ги разгледа европскиот Совет, не останува уште многу време, треба да се преземат чекори“, истакна Филе.

Според Филе две работи ги одредуваат моменталните отворени прашања на Балканот, тоа се: „Политичкиот договор од 19. април и договорот за имплеметација меѓу Белград и Приштина покажува дека доколку има волја и заложба од политичарите и со одредено посредство од страна на ЕУ големите прашања можат да се решат и можат да се постигнат големи решенија за помирување во регионот. Мојата порака денеска е ова да биде инспирација за сите лидери во Западен Балкан. Втората порака е дека 2013. треба да биде добра за проширувањето. Важен чекор не е само што Хрватска станува членка и се надеваме дека на други држави ќе им се даде покана за отпочнување преговори. И покрај зборувањето за многуте потешкотии со кои се соочува ЕУ, Унијата е многу отворена за проширување, свесна е дека овие две политики задираат длабоко во однос на интеграцијата и зголемувањето на членките. Тие две политики ја оформуваат, односно и даваат структура на ЕУ од почетокот. Тие две политики и ќе продолжат. Сега е до државите во регионот да испорачаат и да ја искористат оваа можност“, порача Филе од Охрид од Самиот на министрите за надворешни работи од земјите на ПСЈИЕ.