1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фајман замина, но и направи услуга на Меркел

Кристоф Хаселбах/превод:ЗЈ10 мај 2016

Австрискиот канцелар Вернер Фајман направи радикален пресврт во бегалската политика. Промената на курсот не му помогна, но од неа секако профитира германската канцеларка Меркел, смета Кристоф Хаселбах, уредник во ДВ.

https://p.dw.com/p/1Il0c
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Австриските социјалдемократи токму покажуваат што може да се случи со некоја голема народна партија. Од нивни редови навистина од 2009 година доаѓа канцеларот – два пати тоа беше Вернер Фајман, кој сега поднесе оставка. Но, на последните парламентарни избори во 2013 година партијата падна под 30 проценти освоени гласови. Социјалдемократската партија (СПА), заедно со конзервативната Австриска народна партија (АНП), одвај успеаја да соберат доволно пратеници за да имаат владино мнозинство. Тоа беше којзнае која по ред голема коалиција. „Вечниот“ сојуз на некогаш големите партии – час со социјалдемократски, час со конзервативен канцелар – ѝ даде белег на австриската повоена политика и луѓето се очигледно презаситени од тоа. Во државата завладеаја застој и спрега од интереси, како функциите да беа наследен имот на двете партии.

Но вистински катализатор за големата промена на австриската политика беше бегалската криза, а ништо не го покажа толку драстично расположението во земјата, колку изборот за претседател на државата на крајот на април: ни кандидатот на социјалдемократите, ниту тој на конзерватиците не успеаја да се изборат за настап во вториот круг. Обајцата добија одвај околу 11 проценти од гласовите.

Christoph Hasselbach
Кристоф Хаселбах, уредник во ДВФотографија: DW/M.Müller

Наместо нив, голем победник во првиот круг беше Норберт Хофер, кандидат на десничарската Слободарска партија на Австрија. Во вториот круг противкандидат ќе му биде Александер Фан дер Белен од партијата на Зелените. Хофер го сметаат за убедлив фаворит за таа првенствено репрезентативна функција. И во анкетите околу тоа за кого би гласале Австријците на избори за парламентот одамна Слободарската партија е на прво место, пред СПА и АНП. Нејзина голема тема е доселувањето.

Меркел профитира од Фајман

Интересно притоа е дека токму Фајман реагираше веројатно порадикално од било кој друг европски шеф на влада на растечкото антибегалско расположение: во септември 2015 година тој уште стоеше раме до раме со германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиното „добредојде“ за бегалците, а веќе на крајот од годината се` повеќе се дистанцираше од неа. На почетокот на 2016 тој конечно целосно го сврте кормилото: воведе „горна граница“ за прием на бегалци во Австрија и заедно со други држави на ЕУ се погрижи да биде блокирана балканската бегалска маршрута. Дури и неколку дена по изборниот успех на Хофер владата на Фајман уште еднаш значително го заостри правото на азил.

Но, тоа воопшто не им помогна нему и на неговата партија. Не може за само неколку месеци толку радикално да се промени насоката без да се загуби веродостојноста. На ова се надоврза и фактот дека многумина левоориентирани социјалдемократи не сакаа да го поддржат новиот курс. Така Фајман се најде приклештен истовремено и од лево и од десно и речиси одвај веќе и да имаше некаква потпора.До денес е несфатливо дека Фајман, исто како и Меркел, во септември 2015 не согледа каков проблем би донело неконтролираното доселување. И, додека Фајман - и покрај тоа што бргу ја научи лекцијата – политички падна, Меркел не треба да се грижи за својата функција. Таа постапи повешто: нанадвор опстојува врз својата политика и со тоа во морален поглед останува на вистинската страна, но во заднина и таа направи пресврт.

За Австриецот е посебно горко што Меркел ја критикуваше промената на неговиот став, а истовремено профитираше од тоа. Зашто, за големото опаѓање на бројката на бегалците што доаѓаат во Германија, Меркел треба да му благодари и на сега веќе поранешниот австриски канцелар.