1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фатен воен советник на талибанците кој наводно е Германец

ЕМФ / дв
1 март 2018

На авганистанската тајна служба НДС ѝ е предаден наводен германски талибанец. Според полицијата, тој бил воен советник на специјална единица која изведувала смртоносни напади.

https://p.dw.com/p/2tX3c
Afghanistan NDS Geheimdienst Sicherheitsbeamter
Припадник на авганистанската тајна служба НДСФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Habibi

Во Авганистан е уапсено лице кое работело како воен советник на талибанците, кое е наводно Германец, соопшти портпаролот на авганистанските специјални сили, Абдул Каџум Нуристани. Лицето ѝ е предадено на авганистанската тајна служба НДС. На почетокот на неделата уапсениот е фатен заедно со тројца други осомничени талибанци при рација на авганистанските елитни единици во општината Герешк, во провинцијата Хелманд.

Според портпарол на гувернерот на Хелманд, осомничениот е „маж со долга брада и црн турбан, кој вели дека е германски државјанин и кој зборува германски“. Лицето при апсењето кај себе имало германски документи. Портпаролот не даде информации за какви документи се работи и на чие име гласат тие. Уапсениот конвертирал во ислам и го носел „муслиманското име“ Абдул Ахад. „Тој бил една година кај талибанците и има многу документи кои докажуават дека соработувал со нив“, нагласи Нуристани.

Упасениот бил воен советник на Мула Насир, командант на талибанската елитна единица „Црвено единство“, изјави шефот на полицијата во Герешк, Исмаил Чплак. „Црвено единство“ има извршено голем број смртоносни напади врз авганистанската армија и полиција.

Засега нема реакција од германските власти. Сомневања во потеклото на уапсениот се појавија кога на видео кое се прошири на социјалните мрежи, а е снимено најверојатно по апсењето, каде се гледа како на прашањето дали е Германец, уапсениот со силен акцент одговара: „Можам да зборувам германски“.

Провинцијата Хелманд, од каде доаѓа голем дел од произведениот опиум во Авганистан, е во голем дел под контрола на радикално исламистичките талибанци. Тие во текот на изминатите години ја презедоа контролата врз производството и трговијата со дрога и се финансираат на тој начин.