Ураганот „Зорбас“ остави пустош, тројца исчезнати на Евија
30 септември 2018Пустош и веројатно жртви остануваат зад ураганот „Зорбас“ кој на викендов помина низ Егејот. На островот Евија, источно од Атина, денеска попладне двајца мажи и една жена се пријавени за исчезнати. Ураганот значително губи во сила со пристигнувањето на копното.
Шефот на Грчката служба за цивилна заштита ги предупреди граѓаните за време и по обилните дождови во никој случај да не преминуваат реки и потоци, зашто тие исклучително брзо можат да се претворат во надојдени буици. Исчезнатите луѓе на Евија биле зафатени од нараснати маси вода при премин на поток со нивниот автомобил.
Вчера и ноќеска невремето предизвика огромни штети првенствено на полуостровот Пелопонез и на островот Евија и го парализира водниот сообраќај во Егејот. Повеќе регионални патишта се поплавени, а автопатот Атина-Патрас беше во прекин. Проблеми има и при одвивањето на железничкиот сообраќај. Силната бура предизвика големи штети и во земјоделството, а бројни помали бродови и чамци во пристаништата се потопени. Ситуацијата со сообраќајот полека се нормализира со стишувањето на невремето. Експертите на Националната метеоролошка служба во меѓувреме не го класифицираат како ураган, туку зборуваат за голема бура.