1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНЕСКО е алиби, не и пречка за интензивна градба во Охрид?!

Милчо Јованоски20 март 2012

Новите закупци на плажите во Охрид ќе треба да градат понтонски пристаништа, а на Галичица ќе никнат хотели. Власта сака да го поттикне развојот на туризмот. Јавноста е збунета.

https://p.dw.com/p/14Nga
Фотографија: DW

Во Охрид не минува ден, а  да не се спомене УНЕСКО и помислата дека градот и езерото можат да бидат симнати од регистарот. УНЕСКО со години на политичарите, урбанистите, архитектите, археолозите, градежниците и еколозите им служи како мегдан за препукување. И покрај низата национални и локални стратегии за туризмот и урбанизмот, како секој да тера по свое. Во законите сите умешно наоѓаат дупки. До пред две недели во Охрид не стивнуваше полемиката за нацрт-урбанистичките планови околу плоштадот. Локалната власт зацртала згради и семејни куќи на земјиштето што со денационализација им е вратено на граѓаните. Но советниците, крстејќи се во УНЕСКО, гласаа против. По таа, уште нестивната, бура стигна нова. Министерството за транспорт и врски очигледно за пред неколку месеци најавените туристички зони, од локалната власт и Националниот парк „Галичица“ побарало локации на кои ќе може да се градат и хотели.

Хотел ќе се гради и на Галичица

Директорот на Националниот парк „Галичица“ Зоран Ангелоски вели дека тие им понудиле пет-шест локации кои биле во зоната за одржливо искористување во паркот, од Охрид до Љубаништа, и кои биле дел од планот за управување со него:

Galicica Nationalpark in Mazedonien
ГаличицаФотографија: DW

„Една од локациите којашто ја понудивме за изградба на хотел е традиционалното излетничко место Корита. Таму, според нас, е добро да има еден ваков објект.“

Ангелоски тврди дека таму, во тој дел од Галичица, немало некои посебни вредности. Инфраструктурата ќе се решавала со студии и елаборати кои идните инвеститори би ги подготвувале и би гарантирале еколошка заштита.

Мали времени угостителски објекти, а не хотели, бараат експертите

„Кога јас најавував заживување на Галичица, власта и локалната опозиција ги потценуваа моите зборови“, изјави градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески. Тој е убеден дека: „Најверојатно се работи за парцели за кои може да се има урбанистичка согласност, кадешто може да има изградена инфраструктура, за во иднина и таму да се градат сместувачки капацитети.“

Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Во Националниот парк може да се направат мали автентични времени угостителски објекти, но никако не и сместувачки, смета раководителот на охридскиот сектор за урбанизам Бранко Арнаудов. Охрид има доволно неискористени, но и веќе зацртани, а не изградени хотели и треба строго да се внимава на еколошката компонента. Лесно може да се случи за година-две да бараме фондации за да го чистиме езерото од загадување, смета Арнаудов.

Дејан Паноски, раководител на „Дримскиот басен“, не е против градба, но предупредува: „Во никој случај да не се дозволи тоа да бидат големи тврди градби кои би го нарушиле и еко-системот и вредностите на Националниот парк.“

Подвижни пристаништа, наместо ветената марина

Владата по направена анализа неодамна донесла Акционен план за поставување мали понтонски пристаништа на природните и вештачки езера во Македонија. Љупчо Настески, капетан на Капетанијата во Охрид, вели:

Ohrid Hafen Mazedonien
Планирани се понтонски пристаништаФотографија: DW

„Плажите ќе се предмет на краткотраен закуп. Поставувањето на малите пристаништа ќе е една од обврските на идните закупци.“

Понтоните ќе го стимулираат присуството на брзите глисери и други пловила, за кои Охридското езеро и досега се покажа како претесно. Со ова на одредено време се одлага изградбата на марина, а на некои од подвижните пристаништа ќе има и пумпи за бензин. Паноски предлага: „Доколку се почитуваат сите норми на заштита и избегнување на ризици можеби би било добро да се побара сите пловила да користат био-разградливо гориво. Бидејќи и еден најмал инцидент при користење на постојните горива и масла може да предизвика негативни последици за Охридското езеро.“ 

Дилемите допрва следат. Очигледно е отсуството на директна комуникација и координација на најповиканите за идеите да имаат побрзи завршници. Вака се‘ личи на онаа: „Има ли пилот во авионот?“, или пак „ Каде плови овој брод?“