1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина се надева на помош од Берлин

Франк Хофман / Е.М. Фиданоска1 април 2015

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук денеска е во посета на Берлин. На масата за разговори ќе има и претставници на германската економија кои се заинтересирани за условите за ангажман во Украина. Листата со желби е долга.

https://p.dw.com/p/1F0Vj
Фотографија: C. Koall/Getty Images

Расположението на германските менаџери во Киев е лошо. Се‘ се врти околу прашањето дали Украина ќе потфрли како држава. „Се движиме по ивица“, објаснува еден претставник на германската индустрија.

Во Украина има 2000 фирми со германски удел. Многу од нив работат во западниот дел на земјата, но некои и 1200 километри источно, во Донбас, регион погоден од војната. Дел од фирмите таму, како Хајделбергер Цемент, мораа да го запрат производството, затоа што во постројката која се наоѓа на половина пат од Доњецк и руската граница сега збор имаат проруските бутновници.

Освен тоа, и натаму се пука, секојдневно, вели ОБСЕ. Договорот за прекин на огнот постигнат во февруари во Минск е на стаклени нозе.

Се заканува воведување воен закон

На фирмите загриженост им предизвикува и тоа што војната постепено се вовлекува и во претпријатијата, во семејствата на вработените. „На нашите луѓе моравме да им предадеме повици за регрутација“, вели еден раководител. Според украинското право, претпријатијата мора да имаат листи со податоци за вработените, за семејната состојба и бројот на децата на лицата кои се подложни на регрутација. Ако некој регрут или резервист добие покана, фирмите мора да го чуваат неговото работно место, сеедно во каква состојба војникот ќе се врати од фронт.

Ukraine Panzer Luhansk
Во воените региони е најтешкоФотографија: Getty Images/Afp/Petro Zadorozhnyy

Претставништвото на германската економија во Киев неодамна организираше тркалезна маса за менаџерите да може да разменат мислење за последиците од војната во нивните претпријатија. Најгоре на листата со грижи беше прашањето дали претседателот Петро Порошенко сепак ќе воведе воен закон во земјата. Тогаш би можело делови од фирмите да бидат запленети за воени цели, пред се‘ возниот парк. Тој би морало потоа да се врати, но во каква состојба?

Фирмите бараат сигурност

Поради тоа извештаите што фирмите ги испраќаат во централите во Германија стануваат се‘ поцрни. Во централите веќе се реагира: тие ги кратат кредитите за украинските фирми ќерки.

Сега недежта е насочена кон политиката. При посетата на украинскиот премиер Арсениј Јацењук во Берлин претставниците на германската економија, заедно со претставниците на кабинетот на канцеларката Меркел, дискутираат за кризен фонд за Украина. Тој фонд би требало да ги амортизира ризиците на претпријатијата при земањето кредити.

Kiew Wirtschaft Währung
Падот на украинската валута ја засилува корупцијатаФотографија: DW/A. Köhler

Украинскиот премиер тоа радо ќе го слушне, но тој сепак има сосема поинакви потреби. Германија на Украина и‘ вети 500 милиони евра итна помош, пред се‘ за обнова на истокот на земјата погоден од војната. Но до денес не може да се предвиди дали до крајот на годинава од директната помош во Украина ќе стигне макар едно единствено евро.

Киев под притисок за реформи

„Едноставно нема добри проекти“, вели дипломат во Киев. Нема ниту доверба поради големата корупција. Овој проблем „се провлекува од најдолу до најгоре“, оценува претставник на средно претпријатие. На пример, како што додава тој, од една градска управа во Украина побарал поправка на генератор. „Тоа всушност не чини повеќе од 10.000 евра.“ На крајот станале 100.000 евра, затоа што на секое ниво на одлучување имало некој кој очекувал нешто в џеб. Тоа на крајот на краиштата е разбирливо, додава тој. Валутата, по месеците галопирачка инфлација, загуби многу на вредност. Кој може да живее со околу 80 до 110 евра месечно, прашува тој.

Владата во Киев е под временски притисок. Таа мора брзо да спроведе реформи. Зашто, „земји како Литванија, Полска, Летонија или Естонија ќе и‘ даваат поддршка на Украина се‘ додека е потребно“, вели литванскиот европратеник Габриелиус Ландсбергис во интервју за ДВ, но државите од Западот на ЕУ може да загубат желба ако набрзо не се покаже напредок во реформите.

За да се затворат најголемите „дупки“ сега од Берлин во украинскиот буџет треба да се влее помош од 200 милиони евра, што би бил сигнал до инвеститорите и кредиторите на земјата. Зашто, според најновата анализа на економската агенција Блумберг, веројатноста Украина да банкротира изнесува околу 30%. Украинската министерка за финансии Наталија Јареско зад кулисите преговара за пролонгирање на долговите со цел да добие време за Украина да може да застане на нозе. Но веќе сега е јасно - од околу 30 украински банки на крајот ќе останат само седум, се вели во Киев. Со или без помош од страна на Западот.