Убиството на британскиот пратеник е терористички акт
16 октомври 2021Убиството на британскиот пратеник од редовите на Конзервативната партија, сер Дејвид Ејмс, за кое е осомничен и уапсен 25 годишен маж, полицијата го квалификуваше како терористички напад.
Ејмс (69), член на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон, е избоден со нож вчера околу пладне во Методистичката црква Белферс во местото Леј во Есекс, на истокот на Англија.
Телевизијата „Скај њуз“ извести дека уапсениот маж е британски државјанин со сомалиско потекло.
Полицијата, чија единица за борба против тероризам го презеде случајот, денеска соопшти дека ова убиство го води како терористичко дело, пренесе новинската агенција Ројтерс.
„Првите наоди од истрагата укажуваат на потенцијална мотивација поврзана со исламистички екстремизам“, наведе полицијата.
Соопштено е дека 25-годишниот маж, кој е осомничен за ова убиство е уапсен на лице место, а во рамки на истрагата полицијата во моментот врши претрес на две адреси во околината на Лондон, а се верува оти осомничениот делувал сам. Полицијата во Есекс соопшти дека го пронашла ножот со кој е извршен нападот.
Повеќе: Британија: беспомошни против тероризмот
Лекарите на местото се бореле да му го спасат животот на пратеникот, кој беше нападнат за време средба со гласачите. Британските политичари го опишаа ова убиство како напад на демократијата.
„Дејвид беше човек кој страсно веруваше во оваа земја и во нејзината иднина, ние денеска загубивме прекрасен државен службеник и многу сакан пријател и колега, а нашите мисли денеска се со неговата сопруга, деца и семејството“, рече премиерот Џонсон.
Министерката за внатрешни работи Прити Пател, наведе дека убиството на британскиот пратеник Дејвид Ејмс отвора нови прашање за безбедноста на членовите на парламентот.
Ејмс, кој беше член на парламентот од 1983 година и е татко на пет деца, кралицата Елизабета го прогласи за витез за неговата јавна служба во 2015 година.