1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиени цивили во напад на НАТО во Авганистан

29 мај 2011

Најмалку 14 Авганистанци, сите жени и деца, се убиени во напад на НАТО во провинцијата Хелманд. Вчера пак во самоубиствен напад на талибанците во Талокан се убиени седум лица, меѓу нив и двајца војници од Бундесверот.

https://p.dw.com/p/11Q7X
Седум жртви во вчерашниот напад врз БундесверотФотографија: AP

Авганистански претставник соопшти дека при воздушен удар на НАТО убиени се 14 лица, сите се жени и деца, а при нападот во провинција Хелманд биле повредени и шест лица.

Нападот е изведен доцна синоќа во областа Навзад, соопшти портпаролот на провинциската управа Давуд Ахмад. Според него, цел на ударот биле бунтовници талибанци, но наместо тоа, НАТО авионите бомбардирале две куќи на мирни жители, при тоа убивајќи две жени, пет девојчиња и седум момчиња.

Според портпаролот, воздушниот удар следел по бунтовничкиот напад врз база на американски маринци во Навзад.

General Markus Kneip Archivbild
Генералот Маркус Кнајп и германскиот министер за одбрана Томас де Мезие (архивска снимка)Фотографија: dapd

Портпаролот на НАТО, мајор Тим Џејмс соопшти дека сојузнички и авганистански единици го истражуваат случајот и објаснувања ќе дадат подоцна.

Командантот на силите на НАТО во северен Авганистан, германски генерал Маркус Кнајп го преживеа вчерашниот самоубиствен напад на канцеларијата на гувернерот на провинцијата Тахар.

Во експлозијата загинаа најмалку седум лица, меѓу кои двајца германски војници, како и началникот на полицијата во северен Авганистан Мохамед Дауд Дауд.

Автор: ЖА/АТ/дпа/миа

Редактор: Александра Трајковска