1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убедлива победа на СПД во Берлин

19 септември 2011

Серијата порази на ЦДУ и Либералите на покраинските избори во Германија вчера беше „крунисана“ со катастрофалниот резултат во Берлин. Победник е СПД, на чело со досегашниот премиер на покраинската влада, Воверајт.

https://p.dw.com/p/12bia
Клаус Воверајт по победата во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Приврзаниците на СПД веќе подолго време беа убедени дека нивниот кандидат Клаус Воверајт повторно ќе ги добие изборите за покраинскиот парламент во Берлин. Тој впрочем водеше во анкетите на јавното мнение пред вчерашните избори. Со освоените речиси 30%, Воверајт и неговата СПД остануваат на власт како и на последните два изборни циклуси.

Поради лошиот резултат на досегашпниот коалиционен партнер на СПД, Партијата на левицата, експертите сметаат дека Воверајт ќе ја формира новата покраинска влада со партијата на Зелените. Ова дотолку повеќе што СПД и Зелените имаат намера да создадат коалиција на сојузно тниво, што ќе успее да ја симне од власт сегашната коалиција на христијанските демократи и либералите под раководство на канцеларката Ангела Меркел. Така соработката во берлинскиот покраински парламент ќе биде добар тест и показател дали коалицијата може успешно да функционира.

Но, на покраинско ниво СПД и Зелените можат да имаат и проблеми, барем судејќи според досегашните политички определби. Така на пример, кога е во прашање изградбата на мега-аеродромот во близината на Берлин, СПД го поддржува проектот додека Зелените се противат - од еколошки причини. Слично е и со проширувањето на мрежата автопати околу главниот град. Воверајт најави дека нема намера да прави компромиси на овој план:

„Важно е Зелените јавно да застанат зад политичката определба, што претставува развој и напредок, а не застој“, рече Воверајт.

Иден противкандидат на Меркел

Berlin Wahl Künast Stimmabgabe
Ја очекуваат тешки преговори: Ренате Кинаст лидер на ЗеленитеФотографија: picture alliance / dpa

Доколку социјалдемократите не најдат доволно заеднички јазик со Зелените на ова ниво, тогаш теоретски останува можност тие да коалицираат со христијанските демократи, кои освоија 23%. Но, тоа не би соодветствувало на сојузните аспирации на социјалдемократите, кои за сега не се изјаснуваат јавно ни што се однесува до можниот главен кандидат за иден канцелар, кој би требало да ја предводи коалицијата со Зелените против канцеларката Меркел на сојузните избори во 2013. Меѓу кандидатите со големи изгледи се вбројува секако и Клаус Воверајт, кој ја има и поддршката на левото крило на СПД и на влијателните синдикати. Но, тој не сака да шпекулира за тоа ни по големата победа на покраинските избори во Берлин:

„Заедно ќе го избереме оној кандидат или кандидатка, кој ќе ги има најголемите шанси конечно да ја смени од власт канцеларката Меркел!“

Либералите тонат

Дека тешкиот пораз за либералите на покраинските избори во Берлин ќе има последици и на сојузно ниво, сведочи и изјавата на генералниот секретар на поголемиот коалиционен партнер, Христијанско демократската Унија, Херман Грехе.

Philipp Rösler Kandidat FDP Vorsitz
Тонат без трага: претседателот на Либералите Филип РеслерФотографија: dapd

„Веруваме дека раководството на Либералната партија ќе ја сфати и прифати одговорноста дека заедно треба да се соочиме со предизвиците поврзани со стабилноста на еврото, потребата од засилен стопански пораст и натамошното намалување на невработеноста. Тогаш ќе добиеме и поголема поддршка од избирачите!“

Кај либералите се шири стравот за опстанок на политичката сцена, бидејќи ова беа петти по ред покраински избори во Германија, на кои партијата не само што загуби голем број избирачи, туку не успеа дури ни да го надмине цензусот од пет проценти, така што воопшто нема да биде застапена во тие покраински парламенти.

Автор: Марсел Фирстенау/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски