Турција ја преиспитува својата политика во регионот
18 декември 2013Шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу во последно време сѐ почесто е гостин во соседните држави. Во Ирак, земја со која последниве години односите не беа на највисоко ниво, го покани премиерот Нури Ал Малики во Анкара. И претседателот на другата регионална сила - Иран, Хасан Рохани наскоро доаѓа во турскиот главен град.
За време на посетата на Ерменија, на почетокот на декември, Давутоглу за првпат призна дека исфрлањето на Ерменците од Турција за време на Првата светска војна било „нечовечно“. И во кипарскиот конфликт може да дојде до нови поместувања: Давутоглу деновиве беше во Грција каде се разговараше и за оваа тема. Во истовреме Турција го зацврстува и својот политички ангажман во Европа. Во понеделникот (16.12.2013) ЕУ и Турција потпишаа договори за реадмисија и за безвизен режим. Премиерот Реџеп Таип Ердоган во јануари следната година, за првпат по пауза од три години, ќе присуствува на самит на ЕУ.
Од „нулта проблеми“ до целосна изолација
Во официјалното објаснување на турската влада сите овие контакти се само консеквентно продолжение на политиката на „нулта проблеми“, која Давутоглу ја воведе во турската надворешна политика во 2009 година. Хармонијата со сите соседи треба да ја издигне земјата во регионална велесила и да ѝ отвори нови извозни пазари. Но, развојот во регионот е турбулентен, и прашање е колку новата политика дава резултати. Поранешниот сојузник Сирија стана непријател, во Египет е урнат од власт исламистот Мохамед Мурси со кого Анкара тесно соработуваше. Ирачката влада ја обвинува Анкара за дестабилизација на земјата поради постигнатиот договор за нафтата со Курдите во Северен Ирак. Некогаш добрите односи со Израел се нарушени уште од убиството на деветмината турски активисти кои се обидуваа да ја прекинат блокадата на Појасот Газа во 2010-та година.
До тоа доведе и арогантниот тон на турската влада, која во некои ситуации турското гледиште го сметаше за единствено исправно во регионот и со тоа го навлече гневот на некогашните сојузници. На пример, во случајот со Мурси, во кој Турција отворено застана на страна на соборениот претседател, а со тоа драматично ги влоши и односите со новите власти, но не само тоа, туку и со осудата на Ердоган на сите регионални држави кои одлучија да соработуваат со новите власти во Каиро. Дури и советникот на турскиот премиер, Ибрахим Калин во една прилика говореше за „целосна изолација“ на Турција во регионот.
Последица од сето тоа беше драматичниот пад на угледот на Турција во регионот на Блискиот исток. Политичкиот институт Тесев од Истанбул, кој веќе пет години го истражува јавното мислење во регионот, јавува дека симпатиите кон Турција во 16. земји од регионот во период од само една година паднале од 78 на 59 проценти. Според оваа анкета, дури и далечната Кина е поомилена меѓу локалното население од Турција.
Нео-османлиски однос
Димитриос Триантафилу, политички аналитичар од Грција школуван во Истанбул, во политиката на Ердоган препознава „нео-османлиски став“. Ердогановата Турција, наследничката на Османлиската империја, сака да биде лидер врз основа на заедничкото културно наследство, вели Триантафилу. Горди држави како Египет, не прифаќаат таков однос.
Оттука на последната турнеја на Давутоглу на регионот може да се гледа и како на обид да се намалат штетите и да се испрати сигнал за нов почеток во надворешната политика. Турција не може преку ноќ да се оттргне од изолацијата, но шансите за успех, барем во земјите од Блискиот исток, ѝ се добри, смета Сабиха Сенјучел Гундогар од Институтот Тесев. И покрај сите направени грешки изминативе години, Турција останува важен актер во регионот. „Без разлика дали ја сакаат или не, луѓето во регионот со внимание ја следат Турција“, вели Гундогар.