1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресметана ескалација

Мадхун Лоај Превод:СН28 јули 2015

Турските воени операции во Сирија и во северен Ирак имаат пред сѐ за цел да спречат настанување на област контролирана од Курдите по должина на границата со Сирија, смета Мадхун Лоај, автор на следниов коментар.

https://p.dw.com/p/1G5bs
Фотографија: picture-alliance/zb

Никој не треба да биде изненаден: воената операција на турското воено воздухопловство против позиции на т.н Исламска држава во Сирија и на ПКК во северен Ирак не преставуваат елементарно пресврт во односот на Нато-членката кон ИД.

Зашто справувањето со терористите од џихадистичкиот самопрогласен Калифат не е главна цел на воздушните напади. Повеќе изгледа дека владата во Анкара полага сѐ во тоа да спречи настанување на област контролирана од Курдите на долгата граница со Сирија. Водечки политичари во Турција во последниве денови јасно истакнаа дека за Исламска држава не може да има место по должина на турската граница- ама истотака и за област управувана од Курдите.

Корекција на турската политика кон Сирија

Наизглед Анкара сака да ја искористи новата заканувачка состојба која произлегува од терористите на ИД, за да ги коригира негативните последици од сопствената пропадната политика кон Сирија. Како што е познато Сирија беше „ срцевината на политиката на нула проблеми“, која ја конципираше тогашниот министер за надворешни работи и актуелен премиер на Турција, Ахмед Давутоглу. Тој пред сѐ се заложи за тоа, Турција да се отвори на надворешно-политички план и така врбуваше за повеќедимензионална надворешна политика , која цели кон максимална соработка со сите соседи, меѓу нив и арапските диктатори како сирискиот властодржец Башар ал Асад.

Mudhoon Loay Kommentarbild App
Мадхун Лоај

Меѓутоа бунтот на сунитското мнозинско население во Сирија во март 2011 доведе до конечен прекин во односите со режимот на Асад. Претходно пропаднаа сите обиди на Турција, да го придвижи Асад кон воздржување од насилство и кон демократски реформи. Но со оглед дека Асад против тогаш мирната опозиција употребуваше само сурово насилство, турската влада започна да ги поддржува сите сили кои се бореа против насилничкиот режим.

За раководстството на владејачката турска партија АКП беше фрустрирачки фактот дека Анкара не располага со неопходните инструменти за успешно да го потпомогне падот на Асад. Од оваа причина турската влада ги толерираше активностите на ИД, така што преку турско-сириската граница многу борци на ИД можеа да влезат во завојуваните области во Сирија. Дали притоа стануваше збор за целна поддршка или свесно „гледање настрана“ , останува отворено.

Се бара прагматична деескалација

Сега Турција самата стана жртва на непресметливиот терор на ИД. Најдоцна сега носителите на одлуки во Турција мора да си ги постават прашањата за нивната соодговорност за ваквиот развој на настаните. Имено критички прашања за сириската трагедија мора да си постават и арапските и западните држави, пред сѐ САД. Нивното недејствување му овозможи на насилничкиот властодржец Асад, да води немилосрдна војна против сопствениот народ.

Во моментов многу нешта говорат за тоа дека турската влада постигнала „дил“ со САД: како противуслуга за поактивна улога на Турција во борбата против ИД, Вашингтон на партнерот во НАТО му гарантира дека нема да има курдска држава во распадната Сирија. Покрај тоа двете земји планираат и воспоставување на безбедносна зона во северна Сирија по должина на турската граница, во која би можеле да се вратат преку два милиони сириски бегалци.

Европските политичари би биле добро посоветувани финансиски и логистички да ја поддржат оваа тампон-зона за растоварување на Турција. А за неопходната деескалација би било уште позначајно, да се покаже поголемо разбирање за турските интереси и истовремено да се дејствува за враќање кон внатретурскиот мировен процес, за да се надмине длабоката поделба во тамошното општество. Овој за Европа нужен партнер мора да биде одбранет од можна војна на три фронта.