1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и ЕУ - секој по свое

Бернд Ригерт/ А.Трајковска 22 јануари 2014

ЕУ смета дека во Турција е загрозена независноста на судството. Премиерот Реџеп Таип Ердоган е уверен во заговор. По средбата на Ердоган со Европската комисија во Брисел многу прашања остануваат отворени.

https://p.dw.com/p/1Av9x
Фотографија: Reuters/Francois Lenoir

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган опуштено во Брисел ги слушна критичките забелешки на неговите европски партнери. Критичките прашања на новинарите пак едноставно се одбија од него. Турскиот премиер, кој дома мораше да отпушти министри поради откриен корупциски скандал, како одмазда за истрагата премести стотици полицајци и истражители. Ваквите мерки на истражните органи ЕУ ги смета за упад во независноста на правосудството. Ердоган пак возврати, независноста на правосудството не смее да води до злоупотреба на надлежностите. „Правосудството не смее да владее со демократијата“, рече Ердоган, кој истовремено се произнесе за поделба на власта во неговата земја. Турскиот премиер беше далеку од тоа да признае грешка или на претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој да му вети подобрување.

„Пријателски“ се зборуваше за сѐ. И двете страни опстојуваат на намерите за влез на Турција во ЕУ. Престедателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој внимателно предупреди на придржување до правилата на игра: „Напредокот при пристапните преговори и политичките реформи се две страни на ист медал“. Ван Ропој рече дека во Турција, како земја кандидат за пристап би морале да се почитуваат демократските начела.

Работа на црни сили?

Во Турција Реџеп Таип Ердоган говореше за заговор против него и земјата. Откриениот корупциски скандал во неговата влада бил дело на странски сили. Во неговото опкружување како автори се наведуваат САД, Израел, но и Европската унија и пред сѐ исламското Ѓулен движење. Овој став Ердоган го изнесе и во Брисел: „Турција станува посилна. Пред десет години имавме економски учинок од 230 милијарди американски долари. Денес се преку 800 милијарди.“ Турција денес е на 18 место како економска сили, подвлече Ердоган. „Тоа е непријатно за некои луѓе и групи. Тоа би можело да доведе до негативен став кон нашата земја. Херман ван Ромпој и јас отворено дискутиравме и ќе продолжиме со тоа“. ЕУ и Турција по долга пауза во ноември 2013. година отворија ново поглавје од преговорите за пристап, кои течат споро. Во декември, еден ден пред да избие корупцискиот скандал, комесарот за внатрешни работи на ЕУ Сесилија Малмстром започна дијалог за ослободување од визната обврска за Турците. Претходно Турција се обврза дека ќе ги прими назад сопствените граѓани кои нелегално престојуваат во ЕУ. Овој напредок успеа и покрај тоа што Европејците изминатото лето ги осудија насилните акции на турската полиција против демонстрантите.

Besuch des türkischen Premiers Tahib Erdogan bei der EU-Kommission
Реџеп Таил Ердоган во посета на БриселФотографија: Reuters/Francois Lenoir

Многу прашања - малку одговори

Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо јасно кажа дека ЕУ и натаму сака да ја прими Турција како членка, но мора да бидат поставени прашања. „Токму поради нашите важни односи и можностите за нивен развој, ние како и многу други во Европа сме загрижени од последните случувања во Турција. Овие грижи денеска му ги изнесов на премиерот Ердоган, како чесен пријател и партнер. Прашањето е, што всушност се случува во Турција?“

Гостинот од Турција, кој во посета на Брисел дојде првпат по пет години, не го одговори прашањето, туку само увери, дека било добро „да може да се зборува за сите размислувања“. За да не го налути Ердоган, претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ропој пообрза да увери дека ЕУ не сака да се меша во внатрешните работи на Турција.

Исто така и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер е загрижен за начинот, како премиерот Ердоган сака да ги стави под контрола на владата правосудството и истражните органи: „Во секој случај таму има многу отворени прашања, на кои Европејците досега немаат одговор. Да кажеме вака: колку повеќе одговори изостануваат, колку потежок станува односот кон темата, која всушност ја надминавме, имено отворање на нови поглавја“. Европската комисија и турската влада во моментов разговараат за отворање на две нови поглавја во рамките на преговорите за пристап. За тоа е потребна едногласност на 28 земји членки на ЕУ. Франк Валтер Штајнамер, по средбата на министрите за надворешни работи во понеделникот рече дека сѐ уште никој не поттикнал прекин на преговорите за пристап.

Ердоган под притисок

Приближување меѓу раководството на ЕУ и турскиот премиер во Брисел речиси да немаше, исто така и по прашањето за признавање на земјата членка на ЕУ, Кипар, од страна на Турција не може да се препознае дека има некакво придвижување. И двете страни меѓутоа соопштија дека се подготвени и натаму меѓусебно да дискутираат.

Türkei Korruptionsskandal Istanbul 29.12.13
Протести против корупцијата во декември 2013 во ИстанбулФотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Реџеп Таип Ердоган е на власт веќе единаесет години. Тој ја реформираше Турција до таму, што во 2005. година по повеќедецениско чекање можеа да бидат отворени преговорите за пристап со ЕУ. Оваа година 59- годишниот Ердоган имаше намера да биде избран за претседател и на тој начин да ја круниса својата политичка кариера. Меѓутоа отпорот против Ердоган, според медиумските извештаи расте и во сопствената АК партија.