Турски министер побара оставка од Ердоган
25 декември 2013Турските министри за економија Зафер Чаглајан, за внатрешни работи Муамер Ѓулер и за животна средина Ердоган Бајрактар денеска поднесоа оставки на функциите, веднаш по враќањето на премиерот Реџеп Таип Ердоган од патувањето во странство. Синовите на тројцата министри се меѓу десетиците уапсени минатата недела во антикорупциска операција, и осомничени дека биле дел од голема мрежа која била вмешана во поткуп и корупција.
Во првата реакција по апсењата, турскиот премиер Ердоган оцени дека се работи за „наметната кампања“ која има за цел да ги спречи амбициите на Турција да стане водечка политичка и економска сила. Во одговор на истрагата, Ердоган отпушти десетици полициски шефови.
„Ќе бидеме трпеливи. Нема да дозволиме да бидеме фатени во стапица“, им порача Ердоган на своите симпатизери кои го пречекаа на аеродромот во Анкара, синоќа, по враќањето од посетата на Пакистан. Синоќа беше одржана владина седница на која присуствуваа и двајцата министри кои утрово поднесоа оставки. Двајца од министрите ги поддржаа тезите на Ердоган. Министерот Чаглајан во оставката наведува дека истрагата е „заговор“ против Турција и владејачката Партија на правдата и развојот. „Ја напуштам функцијата за да може конечно да станат појасни нештата околу таа нечесна операција насочена против нашата Влада“, нагласува тој.
Но министерот Бајрактар кој последен поднесе оставка попладнево, го повика и Ердоган да го стори истото, со што уште повеќе се подигнаа тензиите во растечката криза во земјата. „За доброто на нацијата и на земјата, мислам дека и премиерот треба да си поднесе оставка“, изјави Бајрактар.
Судир со Ѓулен
Полициската операција ги погоди не само водечките членови на владејачката партија, туку и некои од највидните бизнисмени во земјата, меѓу нив и првиот човек на најголемата банка во земјата Халкбанк. Дваесет и четири луѓе меѓу кои и синовите на министрите за економија и внатрешни работи беа уапсени минатата недела заради сомненија за голем финансиски скандал. Кај директорот на „Халкбанк“, според полицијата, биле пронајдени повеќе од 4,5 милиони долари скриени во кутии за чевли.
Набљудувачите се сомневаат дека скандалот е само продолжение на судирот меѓу Партијата за правда и развој на Ердоган и Фетула Ѓулен, моќен муслимански свештеник кој живее во САД и чие движење има големо влијание врз турската полиција и судство. Владата и движењето Ѓулен се најдоа во судир за повеќе актуелни прашања, како на пример околу улогата на шефот на турската агенција за разузнување Хакан Фидан, но конфликтот ескалираше откако владата одлучи да ја затвори мрежата ѓуленистички училишта во земјата, кои се главен извор за финансии на движењето.