1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската тајна служба ги „застрашува“ германските Турци

Иан П. Џонсон/бг22 август 2016

Германците со турско потекло се постојана цел на закани од информанти и агенти на турската тајна служба МИТ, тврди весникот Ди Велт. Парламентарците бараат истрага за улогата на германските служби

https://p.dw.com/p/1Jmla
Фотографија: A. Altan/AFP/Getty Images

Членови на Комисијата за контрола на работата на тајните служби во германскиот парламент побараа одговор од канцеларката Ангела Меркел за активностите на турската тајна служба МИТ во нивната земја по неуспешниот пуч во Турција.
Анкара има околу 6 илјади информанти и агенти на МИТ во Германија кои ги ставаат под притисок „германските Турци“, пишува весникот Ди Велт.
Околу три милиони жители на Германија се германски државјани со турско потекло или Турци кои долго живеат во земјата. Во изминатиов месец тие организираа повеќе активности и митинзи во поддршка на Ердоган. На чело на МИТ е моќниот Хакан Фидан (насловна фотографија), кој директно му одговара на Ердоган и на турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Пратеникот на Зелените, Ханс-Кристијан Штребеле за Ди Велт изјави дека во Германија постои „неверојатно ниво“ на „тајни активности“ од страна на МИТ. Штребеле е член на парламентарната комисија за надзор над работата на германската БНД и другите две разузнавачки служби- воената и онаа за заштита на Уставот.
Сите три сектори на германското разузнавање, како и германската полиција, мора да ја преиспитаат својата соработка со МИТ или „ризикуваат да станат соучесници во илегалното однесување“, рече Штребеле.

Türkei Binali Yildirim und Hakan Fidan
Турскиот премиер Бинали Јилдирим и Хакан ФиданФотографија: picture-alliance/AA/H. Goktepe

Весникот цитира неименуван политичар кој тврди дека МИТ во Германија има на располагање околу 800 агенти и мрежа од околу 6 илјади информанти. Тоа би било по еден информант на секои 500 граѓани со турско потекло во Германија. Експертот за германската тајна служба Ерих Шмит-Енбом вели дека опсегот на надзор и следење на МИТ во Германија е „огромен“.
Германската Служба за заштита на Уставот не ги забележува овие активности затоа што МИТ ги прикрива своите агенти со двојни идентитети и им дозволува да работат во туристички бироа, во турскиот авиопревозник „Туркиш Ерлајнс“ и во турски фирми и банки, тврди Шмит- Енбом, додавајќи дека информантите на МИТ се задоволуваат со мала плата.
„Кај многу Турци националната гордост е толку изразена што тие го сметаат за чест работењето за МИТ“, вели експертот.

Поголема од Штази

Дури ни тајната служба Штази на поранешната Источна Германија не успеала да регрутира толку голема „мрежа на агенти'“ во Западна Германија, вели Шмит- Енбом.
„Тука не се работи само за собирање информации, туку сѐ повеќе за репресија од тајни служби“, тврди експертот. „Велт“ тврди дека доверлив документ откриен минатата година покажал дека акциите на МИТ во Германија му биле познати на Кабинетот на Меркел, но и покрај тоа, таа одлучила да преговара со Ердоган околу бегалската криза.
Берлинскиот „Тагесшпигл“ во јули минатата година јави дека германските обвинители истражуваат три лица- двајца Турци и еден Германец- кои наводно по налог на МИТ во Келн шпионирале критичари на режимот на Ердоган, особено Курди и членови на Алевитската заедница.
Една недела по неуспешниот пуч, Ердоган јавно го критикуваше МИТ поради тоа што не успеал да го открие заговорот, но сепак го задржа Фидан на функцијата. На 2 август Ердоган го обвини „Западот“, вклучително и американската влада и германското правосудство, дека им давале поддршка на пучистите.

Parlamentarischer Kontrollausschuss 10.07.2014 Hans-Christian Ströbele
Ханс-Кристијан ШтребелеФотографија: picture-alliance/dpa