Тројца загинати во самоубиствен напад во Авганистан
26 декември 2012Реклама
Тројца Авганистанци загинаа утрината во самоубиствен напад со автомобил-бомба врз американска воена база во источниот дел на Авганистан.
Портпарол на силите на НАТО потврди дека базата Чепмен во близина на Хост била мета на нападот, во кој се повредени седум лица. Нема загинати од припадниците на меѓународните сили.
Според портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи нападот бил извршен од бомбаш-самоубиец, кој удрил со автомобил полн со експлозив во влезот на базата.
Талибанските бунтовници презедоа одговорност за нападот.
Базата Чепмен беше цел на самоубиствен напад и на 30 декември 2009. година, во кој беа убиени седум агенти на ЦИА и еден јордански офицер, кој работел за американското разузнавање.