Троши претпазливо за заштита на климата
5 јуни 2015„Седум милијарди соништа, една планета. Троши претпазливо“, гласи апелот и мотото на Светскиот ден на животната средина. „Незапирливото трошење на нашите ресурси достигна алармантно ниво, пред се‘ што се однесува до прехранбените намирници, водата и енергијата“, оценува Најсан Сахба од Програмата за заштита на животната средина на ОН (УНЕП). Организацијата со седиште во кенискиот главен град Најроби ги повикува луѓето наново да размислат за сопствените соништа за добар живот и притоа во преден план да не го ставаат само огромното трошење. Ваквиот апел се упатува поради фактот што водата и енергијата се‘ повеќе се намалуваат.
Според наводи на ОН, во светот годишно се фрлаат околу 1,3 милијарди тони храна. Истовремено, Светската програма за храна (ФАО) соопшти дека околу 800 милиони луѓе, значи секој седми жител на планетата, гладуваат. Доколку производството и потрошувачката не се држат на сегашното ниво, до 2050 година за сите да се најадат ќе бидат потребни три планети. Со променет стил на живеење би можеле да се заштитат природните ресурси на Земјата и распределбата да биде порамноправна.
„Ако седум милијарди луѓе променат само една работа во насока на одржлива промена на живеење, тогаш нашата планета може да успее да се регенерира на природен начин“, објаснува портпаролот на УНЕП, Најсан Сахба. Тој опоменува дека за да се заштити климета е неопходно избегнување на користење пластични шишиња, еднократни пакувања и пластични кеси.
Заштитата на климата и борбата против гладот се теми кои на самитот на Г7 (7 и 8 јуни 2015), сака да ги отвори домаќинот, германската канцеларка Ангела Меркел. Канцеларката во гостински прилог во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ напиша дека шефовите на држави или влади би требало да се изјаснат за „искоренување на гладот и апсолутната сиромаштија до 2030 година, за останатите мерки за развој да имаат шанса“.