1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумфот на австриските десничари- нов шок за Европа!?

Б.Г/ард25 април 2016

По победата на Слободарската партија ФПО во првиот круг на претседателските избори, во Австрија е сѐ можно. Кандидатот на ФПО Хофер веќе размислува да ја распушти владата.

https://p.dw.com/p/1IcHl
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Bruna

Никој не сметаше на тоа дека Слободарската партија на Австрија (ФПО) така убедливо ќе победи во првиот круг на претседателските избори во земјата. „Нова политичка ера“, „Ерозивна победа“, се само дел од насловите кои се појавија во австриските медиуми утрото по изборите. Норберт Хофер (насловна фотографија) како фаворит оди во вториот круг кој се одржува на 22 мај. Верува ли во победа? „Победата не е невозможна“, вели тој и додава: „реков дека нема да го менувам курсот“. Хофер нагласи дека во следните четири недели ќе продолжи да работи како и до сега, дека јавно ќе ги изнесува своите ставови, нема да го потпише Трансатлантскиот договор за слободна трговија- ТТИП, дека ќе се залага за повеќе „директна демократија“ и се надева дека тоа на крајот ќе доведе до успех.
Хофер не исклучува дека доколку победи, ќе ја отпушти целата актуелна влада. Тоа би можело да предизвика предвремени парламентарни избори, со оглед дека претседателот во Австрија има далеку поголеми надлежности отколку германскиот, на пример.

Почнуваме од нула

Противник на Хофер во вториот круг ќе му биде поранешниот шеф на Зелените, Александер Ван дер Белен. За него, по првиот изборен круг, сега настапи нов почеток. „Зад нас е првиот круг и за разлика од трките во слалом, резултатите од првиот круг не се пренесуваат во вториот. Тоа значи дека ние почнуваме од нула и сметам дека имам најдобри шанси изборите да се завршат во моја корист“, вели Ван дел Белен.

Österreich Wahl 2016 Alexander Van der Bellen
Александер Ван дер БеленФотографија: Reuters/H.-P. Bader

За него ќе биде важно да го надокнади заостанувањето од првиот круг барајќи поддршка од кандидатите и партиите кои испаднаа од трката. Но големото прашање е дали неговото залагање за политика на отвореност кон бегалците во Австрија воопшто може да добие мнозинство. Ван ден Белен најавува дека доколку стане претседател на Австрија ќе одбие на премиерската функција да постави кандидат на ФПО, па дури партијата и да победи на изборите.

Владејачките партии СПО и ОВП се под голем притисок по дебаклот на претседателските избори. Австрискиот канцелар Вернер Фајман и вицеканцеларот Рајнхолд Митерлехнер нагласија дека не помислуваат на оставки и сакаат да останат на функциите до следниот редовен термин за избори во 2018 година.
Но дебатата околу последиците од триумфот на радикалната Слободарска партија допрва почнува. Кандидатот на оваа партија во првиот круг освои 35 отсто од гласовите. Ван дер Белен освои 21 процент. Кандидатите на двете народни партии, СПО и ОВП Рудолф Хундсторфер и Андреас Кол доживеаја незапаметен пораз и за првпат од 1945 година кандидат од овие партии не успеа да се пласира во вториот круг на изборите за претседател, кој се одржува на 22 мај.