1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трет мандат за победникот- Ангела Меркел

Кај-Александер Шолц/ Александра Трајковска22 септември 2013

Некои велат, канцеларкава владее во Германија како кралица. Во една парламентарна демократија тое не е комплимент. Меѓутоа, нејзината моќ, имиџот на Меркел и изборната кампања го објаснуваат овој впечаток.

https://p.dw.com/p/19m7T
Фотографија: Reuters

Кога Ангела Меркел во 2005 година стана за првпат канцелар на Сојузна Република Германија, не беа малкумина оние кои се сомневаа дека е воопшто доволно желна за власт, за да ја извршува функцијата канцелар. Речиси никој тогаш не веруваше дека токму оваа жена ќе добие дури три мандата. Досега тоа им појде од рака само на двајца канцелари од ЦДУ: на Конрад Аденауер (1949 до 1963) и на Хелмут Кол (1982 до 1998).

Ангела Меркел, меѓутоа, не стана случајно канцелар. Својата желба за власт и моќ ја покажа одамна, уште пред за првпат да влезе во канцеларскиот кабинет. Во екот на аферата околу партиски донации за ЦДУ, Меркел јавно му откажа послушност на својот „политички татко“ Хелмут Кол, преку текст во весник. Кратко потоа стана претседател на ЦДУ. Искуство како сојузна министерка собра претходно во кабинетот на Кол.

Симбол-фигура во Европа

Инстинктот за власт на Меркел, нејзината тактичко-стратегиска вештина и нејзината способност за прилагодување ја претворија во една од најзначајните политичари на денешницата во Германија и во Европа.

Германија ќе излезе од оваа криза зајакната, им вети Меркел на граѓаните. И навистина, со оглед на веќе со години добрите економски показатели и невработеноста во државата, се чини дека го одржа ветувањето. Во странство таа настапува како стриктен бранител на германските интереси. По самит на Г8 или на ЕУ, сѐ едно, Меркел секогаш оддава впечаток дека германските пари се на сигурно во нејзини раце. Во англо-саксонските простори, ја сметаат за најмоќна жена во светот.

Во европската економска и финансиска криза таа прерасна во симбол за политиката за спас на еврото. Не само Германија, туку и Европа би требало да излезе зајакната од кризата, рече Меркел. Финансиска помош за другите да, но само со исполнување одредени услови, е ср'жта на оваа политика. Тое е нејзиниот пат, за Европа да стане поконкурентна.

Меркел ги измеша картите во ЦДУ

Ангела Меркел остави траен печат и во нејзината сопствена партија во Германија. На почетокот таа имаше многу конкуренти во ЦДУ. Тие се предадоа, беа потиснати од неа на маргините или самите се сопнаа на сопствени афери. За Меркел нелојалност или политичка слабост се јасни критериуми за исклучување. На политиката ѝ е потребна моќ. Својата моќ таа ја искористи за да направи многу програмски промени - и со тоа ЦДУ да се помести повеќе кон центарот на политичкиот спектар. Теми како воената обврска, атомската енергија или класичната слика за семејството, порано беа ср'ж на идеите на демохристијаните. Меркел го промени тоа во 2011 година, со одлуката Германија да ја напушти атомската енергија.

Критичарите велат дека, раководена од Меркел, ЦДУ остана без профил или дека стана посоцијалдемократска и ѝ префрлуваат за опортунизам. Некои членови затоа ја напуштија ЦДУ и заминаа во новоформираната партија Алтернатива за Германија. Кај младите, меѓутоа, се чини курсот на Меркел наидува на одобрување: на една нерепрезентативна анкета меѓу млади под 18 години ЦДУ, која во 2009 година беше на третото место, сега се проби на прво место.

Deutschland Bundestagswahl 2013 Großflächenplakat der CDU Angela Merkel
Фотографија: Imago

Меркел води сигурно низ кризни времиња

Со години Меркел има висока поддршка од населението. Довербата ја стекна и со политиката на градење имиџ на свест за моќта. Канцеларката го задоволува копнежот на Германците, расколебани од кризите, за поголема стабилност и ориентација. „Некако без страст и трезвено, но сериозно и автентично, таа е во служба на избирачите, а не за себе лично“, го опишува политикологот Карл Рудолф Корте имиџот на Меркел.

И надворешно Меркел испраќа сигнали на стабилност. Нејзината фризура со години се менува само во нијанси. Нејзиниот бизнис-аутфит се разликува само во бојата на секогаш истите сакоа, кои најчесто ги носи со црни панталони. Колку и да е разбрануван светот, Меркел во телевизиските вести изгледа секогаш како вообичаено и ја зрачи нејзината типична смиреност. Најнов пример за таа политика за имиџот беше изборниот плакат во Берлин: огромен постер со рацете на Меркел во типична поза. На него пишува „ Иднината на Германија во добри раце“.

Лична, но не и приватна

Изборниот плакат е пример за една изборна кампања, во која ЦДУ целосно полагаше на канцеларката како личност. Но, затоа Меркел мораше да изнесе малку повеќе од нејзиниот приватен живот, односно дозирано да презентира делови од него во јавноста. Така таа се покажа на одмор како „баба Меркел“ заедно со внуците на нејзиниот сопруг Јоахим Зауер. За него јавноста дозна дека се жалел дека на домашниот колач Меркел ставала премалку чоколадни трошки.

Меѓутоа една вистинска семејна приказна недостасува до денес. Познато е само дека Меркел и нејзиниот сопруг живеат во стан во историскиот центар на Берлин. Слободните денови ги минуваат во Укермарк, една рурална средина меѓу Берлин и Балтичкото Море. Таму израсна Меркел. Татко и, теолог, почина во 2011 година. Меркел агитира со својата личност, но јавноста не дознава детали од приватниот живот, вели политикологот. На крајот на краиштата, битно е само она, јавно видливото, што Меркел го постигнува како канцелар.