1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп разочаран од Харли Дејвидсон

ЕМФ /агенции
26 јуни 2018

Легендарниот американски производител на мотоцикли, Харли Дејвидсон, своето производство го префрла делумно во странство. Трамп е разочаран.

https://p.dw.com/p/30ITi
EU applies tariffs
Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski

Американскиот производител на мотоцикли Харли Дејвидсон извлекува консеквенции од трговскиот спор меѓу САД и Европа и има намера да пресели дел од своето производство во странство. Реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп следуваше брзо. Тој на Твитер напиша дека е „изненаден што од сите компании токму Харли Дејвидсон крева бело знаме“.

Харли Дејвидсон делумно заминува во странство

Трамп, потенцирајќи дека „многу се борел“ за Харли Дејвидсон, оценува дека царините се само изговор и од компанијата бара „трпение“.

Повеќе: ЕУ воведува контра-царини за производи од САД

Концернот кој е со седиште во американската сојузна држава Висконсин вчера најави дека производството на мотоцикли за европскиот пазар ќе биде префрлено од САД во странство. Тоа е реакција на царините кои ЕУ ги воведе како одговор на американските казнени царини за челик и алуминиум од ЕУ и партнерски држави како Канада и Мексико.

Царините на ЕУ врз мотоциклите од САД се зголемија од 6% на 31%, што за Харли Дејвидсон значи зголемување на цената по мотоцикл за околу 2.200 долари (1.900 евра).

USA | Harley Davidson
Доналд Трамп и Мајк Пенс на пат кон средба со раководството на Харли Дејвидсон во февруари 2017 годинаФотографија: Getty Images/D. Angerer

Освен во САД, Харли Дејвидсон има фабрики и во Бразил, Индија и Тајланд. Тие фабрики сега би требало да се прошират. Додека производството не биде префрлено во странство - што треба да се случи за 9 до 18 месеци - концернот ќе преземе голем дел од дополнителните трошоци, кои за годинава се проценуваат на 30 до 45 милиони долари.

Харли Дејвидсон минатата година во Европа продаде околу 40.000 мотоцикли. Тоа ја прави Европа втор по важност пазар за Харли Дејвидсон по САД, соопшти компанијата.