1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп глуми добар/лош полицаец

Матијас фон Хајн
1 август 2018

„Ќе се сретнам со него кога сака“, порача Трамп за можната средба со претседателот на Иран. Но, таа двојна игра која мина со Пјонгјанг нема да може да помине со Техеран, коментира Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/32PmG
Iran, ein Bild von US-Präsident Donald Trump auf der Titelseite in der Hauptstadt Teheran
Фотографија: Getty Images/A.Kenare

Секој, кој одвреме-навреме гледа некој крими-филм го познава принципот на „добар полицаец, лош полицаец“. Со Доналд Трамп овој принцип си пронајде пат во меѓународната политика. Уникатно е, меѓутоа, тоа што Доналд Трамп истовремено го отелотворува и добриот и лошиот полицаец.

Во случајот на Северна Кореја оваа - природна? изглумена? - подвоена личност сепак доведе до одржување на самит со меѓународно максимално изолиран диктатор на една комунистичка наследна монархија дури и ако досега не може да се зборува за конкретни резултати.

Се чини дека Трамп го следи истото сценарио и во случајот на Иран. Сѐ уште одекнуваат заканите од последниот дуел на Твитер, кога Трамп му се закануваше на Иран со невидена катастрофа, а еве веќе ја менува плочата.

Промена на однесување или на режимот?

Најнапред: речиси три месеци по американското напуштање на Атомскиот договор, иранската економија е тешко погодена. Притисокот врз властите во Техеран е огромен и одвнатре, со речиси секојдневни демонстрации во целата земја. Дури следната недела во сила стапуваат американските финансиски санкции, но иранската валута веќе загуби две третини од својата вредност.

Функционерите на американскиот Стејт Департмент и на министерството за финансии се разлетаа по светот за јасно да порачаат какви болни последици би можел да има увозот на иранска нафта по четврти ноември, кога во сила стапува новата рунда санкции. Нарачките масовно се откажуваат, а извозот на нафта е од животна важност за иранската држава.

DW Kommentarbild Matthias von Hein
Матијас фон Хајн

Станува сѐ појасно дека притисокот на САД нема за цел само промена на однесувањето на Иран. Повеќе делува како Белата Куќа да тежнее кон промена на режимот.

Дали истапот на Трамп на прес-конференцијата е промена на курсот? Трамп станува добар полицаец. Предлага состанок со иранскиот претседател Хасан Рохани - „без предуслови“.

Играта со стап и морков можеби функционира во секторот на недвижности и можеби успеа и во случајот на Северна Кореја. Но, во случајот на Иран шансите за успех се лоши.

Прво, Трамп и порано веќе бараше разговор со Рохани - според ирански наводи, осум пати на маргините на заседанијата на Генералното собрание на ОН минатата година.

Второ, американската администрација говори со различни гласови. Министерот за надворешни работи Мајк Помпео, на пример, наведува редица услови за таков состанок.

Трето, Иран не е ни одблизу толку изолиран како Северна Кореја. Рохани токму зад себе има патување по Европа.
Четврто, на Рохани не му се потребни фотографии од состанок со Трамп за пропагандни цели или за своето политичко его. Бидејќи верскиот лидер Али Хамнеи од таквата средба би можел да направи повеќе проблеми одошто состанокот ќе реши.

Интересот на Иран

И со оглед на тоа, петто: Зошто Рохани би преговарал со САД за нов атомски договор, кога Трамп тукушто го прекрши постојниот и го напушти? Поради тоа и иранската реакција е следната: пред една таква средба, САД би морале да се вратат во договорот кој го напуштија во мај.

И тоа сѐ под услов контроверзниот полицаец од Белата Куќа навистина да има интерес за договор со Иран. Неговите свежи аквизиции во администрацијата, државниот секретар Помпео и националниот советник за безбедност Џон Болтон, се чинат позаинтересирани да го натераат Иран на капитулација.

Во врска со тоа, се исплатува поглед во ретровизорот: пред речиси една година Болтон - тогаш сѐ уште не беше советник - претстави детален план за излез од Атомскиот договор. Во тој предлог пишуваше дека Иран, откако САД ќе го напуштат договорот, „веројатно нема да тежнее кон натамошни преговори“, но дека американската администрација би можела да „ја држи таа опција реторички отворена“.

Во принцип би било добро кога меѓу Вашингтон и Техеран би бил воспоставен дијалог. Бидејќи во сегашната токсична атмосфера погрешната калкулација во бројните жаришта меѓу Сирија, Јемен, Ирак и Хормушкиот теснец, би можела да води во катастрофа. Можеби контактот би можел да се воспостави класично, преку дипломатски канали кои во изминатите месеци беа систематски прекинати. Одржливо, зрело и промислено, а не како фуснота на една прес-конференција.